2 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАБез договор за реформите во Грција

Без договор за реформите во Грција

grcija-eu-eu-grcija

Преговорите на грчката влада со претставниците на меѓународните кредитори за реформите во пензискиот систем во Атина беа тешки и сите прашања останаа отворени.

Тоа го соопшти грчкиот министер за труд, Јоргос Катругалос.

„Преговорите беа детални и тешки. Разговаравме за нацрт-законот“ (за реформите во пензискиот систем), изјави Катругалос по состанокот со претставниците на ЕУ, ЕЦБ, ММФ и Европскиот механизам за стабилност.

Тој изјави дека „сите прашања останале отворени“ и дека претставниците на меѓународните институции не сакале да го дадат своето конечно мислење за нацрт-законот за реформите во пензискиот систем.

„Разговорите ќе продолжат следната недела со техничката екипа на кредиторите“, изјави тој.

Нацрт-законот, поради кој грчките синдикати организираа генерален штрајк, предвидува заштеда на 1,8 милијарди евра годишно, и меѓу останатото, намалување на пензиите.

Меѓународните кредитори се противат на планот да се зголемат придонесите за вработените во Грција и бараат минималната пензија да изнесува 384 евра месечно.

Во интерес на Атина е да ги заврши преговорите колку што е можно побрзо. Ако резултатот биде позитивен, Грција се надева дека ќе започне со преговорите за намалување на јавниот долг, изјави портпаролката на грчката влада, Олга Геровашили.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар