4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаст на Волстрит, цената на нафтата скокна 8 отсто

Раст на Волстрит, цената на нафтата скокна 8 отсто

wall street

Берзанските индекси на Волстрит пораснаа во средата во многу нестабилно тргување, благодарение на силниот скок на цената на нафтата и на падот на курсот на доларот.

Dow Jones зајакна 183 поени, или 1,13 отсто, на 16.336 поени, додека S&P 500 порасна 0,50 отсто, на 1.912 поени. Nasdaq ослабна, пак, 0,28 отсто, на 4.504 поени.

На почетокот на вчерашното тргување цената на акциите беа под притисок бидејќи инвеститорите ги загрижи податокот за побавен од очекуваниот раст на активностите во американскиот услужен сектор во јануари.

Тоа е еден од низата податоци кои укажуваат на забавување на растот на американската економија.

Без оглед на тоа што подоцна извештајот на најголемата консултантска куќа за вработување покажа дека бројот на вработените во приватниот сектор во јануари се зголеми над очекуваното, на берзите надвладеа мислењето дека Фед поради слабостите на економијата и превирањата на глобалните финансиски пазари ќе го одложи кревањето на каматите.

Кога во декември американската централна банка по прв пат од 2006 година ги зголеми клучните каматни стапки, сигнализираше дека во оваа година тоа би можела да го направи уште во четири наврати.

Меѓутоа, сега инвеститорите веруваат дека Фед ќе го забави темпото на зголемување на пари. Поради тоа вчера вредноста на доларот кон кошничката шест најважни валути падна за над 1,5 отсто.

Тоа позитивно влијаеше на берзата бидејќи се намалија стравувањата дека високиот курс на доларот негативно ќе влијае на приходите на американските мултинационални компании од странските пазари.

Покрај тоа, падот на курсот на доларот и обновените надежи дека Русија и OPEC ќе постигнат  договор за смалување на производството на нафта поттикнаа скок на цената на црното злато за над 8 отсто.

Благодарение на тоа, вчера најголем добитник беше индексот на енергетскиот сектор, со раст од 4 отсто, а индексот на рударскиот  имаше раст од 3,3 отсто.

За берзите сега е клучно движењето на цените на суровините и на курсот на доларот. Тоа ги поттикнува ротациите на берзите од некои сектори во рударскиот и во енергетскиот сектор.

Во фокусот на инвеститорите вчера одново се најде акцијата на Alphabet, која во претходниот ден значитлено поскапе откако беше објавен деловниот резултат, кој беше над очекувањата, поради што кровната компанија на Google го потисна Apple од листата најголеми светски компании според пазарна вредност.

Меѓутоа, вчера цената на Alphabet потона за 4 отсто, поради неочекуваните промени во врвот на компанијата, па Apple чија цена порасна за 2 отсто, повторно го презеде тронот на глобалната листа најголеми компании.

„Промените во врвот на Alphabet помалку се изненадувачки, особено што уследија веднаш по објавата на деловниот извештај“, вели Кевин Кајли, директор во компанијата Recon Capital Partners.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП