Економијата на Шпанија порасна во 2015 година за 3,2 проценти, покажуваат официјалните статистички податоци.
Тоа е втора последователна година на раст откако земјата излезе од економската криза која ја обележа вртоглавиот раст на невработеноста и продлабочувањето на социјалната нееднаквост, известува агенцијата АФП.
Податокот за растот на бруто домашниот производ на Шпанија, кој е во согласност со очекувања, е еден од најдобрите меѓу земјите членки на Европската унија и ќе биде дополнителен поттик за борбеното делување на премиерот Маријано Рахој, ден откако националната агенција за статистика ИНЕ, објави рекорден пад на невработеноста во земјата, оценува француската агенција.
Покрај тоа, од ИНЕ пристигна уште една добра вест за новата рекордна посета на странски туристи во Шпанија. Според податоците на статистиката, Шпанија минатата година ја посетиле 68,1 милион странски гости, кои се откажале од другите медитерански дестинации како Тунис, кој беше погоден од нападите на екстремистите.
Агенцијата за статистика не даде детали за минатогодишните „мотори“ на растот на четвртата по големина економија во еврозоната, која во текот на пет години се мачеше со периодите на рецесија пред да започне во 2014 година да се опоравува, наведува француската агенција.
Меѓутоа, според централната банка на Шпанија, растот го поттикнала домашата побарувачка, здравиот туристички сектор, кој претставува околу 14 проценти од БДП на земјата и надворешните фактори, како што се ниските каматни стапки во еврозоната и падот на цената на нафтата, пренесува АФП.