Берзанските индекси на Волстрит останаа во понеделникот речиси непроменети со оглед на внимателноста на инвеститорите поради новите сигнали за слабеење на кинеската економија и падот на цената на нафтата.
Dow Jones ослабна 17 поени, или 0,10 отсто, на 16.449 поени, S&P 500 0,04 отсто, на 1.939 поени, додека Nasdaq зајакна за 0,14 отсто, на 4.620 поени.
Од самиот почеток на вчерашното тргување цените на акциите беа под притисок поради новите податоци кои укажуваат на забавување на растот на кинеската економија. Активностите во производниот сектор на Кина паднаа шести месец по ред и тоа на најниско ниво од 2012 година.
Со оглед дека Кина е најголем светски потрошувач на сировини, овие податоци предизвикаа стравување од натамошно слабеење на побарувачката, па остро паднаа цените на сировините и на нафтата.
Откако минатата недела цената на „црното злато“ порасна втора недела по ред, благодарение на надежите на инвеститорите дека најголемите светски производители ќе постигнат договор за намалување на производството, вчера на лондонската берза цената на барелот падна за речиси 5 отсто, на 34,25 долари.
На американскиот пазар, пак, барелот поевтини за речиси 6 отсто, на 31,60 долари.
И покрај тоа, на крајот на тргувањето берзанските индекси речиси ги надоместија речиси сите почетни загуби.
„Можеби инвеститорите здивнаа кога видоа дека падот на цената на нафтата и податоците од Кина не поттикна поголема распродажба на акциите, па се вратија на берзата. Мислам дека сега повеќе внимание се посветува на деловните резултати на компаниите отколку на Кина и на цената на нафтата“, вели Ерик Кјуби, директор во фондот North Star Investment Management.
А кварталните финансиски резултати на компаниите не се импресивни, но не се ниту разочарувачки, со оглед на ниската цена на нафтата, слабеењето на кинеската економија и високиот курс на доларот, што негативно влијае на приходите на американските компании од странските пазари.