Младинската невработеност во Република Македонија е 47% проценти, што укажува на потребата на вклучување на сите чинители во креирањето на политиките и на централно и на локално ниво со цел да се создадат услови за отворање нови работни места.
Ова во четврток на конференција во организација на УСАИД, проектот Мрежа ЈЕС , којшто подолго време работи на прашањето на конституирање на локални економско социјални совети во соработка со општините во Република Македонија, го изјави техничката министерка за труд и социјална политика Фросина Ременски.
Според неа, потребно е и младите да се поттикнуваат да се усовршуваат за да можат да станат поконкуретни на пазарот на труд.
„За таа цел во Република Македонија, преку проектот мрежа ЈЕС се формирани неколку успешни приказни на локални економско – социјални совети коишто даваат резултати и општините во коишто тие функционираат и од којшто се подржани покажуваат значителни резултати во делот на намалување на невработеноста, меѓутоа и отворање на нови профили во образовните институции за потребите на пазарот на труд“, рече Ременски.
Таа додаде дека целта на проектот, но и на министерството на труд и социјална политика и на националниот социо-економски совет е да ги поттикне сите општини да ги прифатат добрите практики, особено на две општини во Република Македонија, со цел преку таква добра практика и научени лекции да можат да ги развијат овие совети со цел да помогнат и на процесот на децентрализација во Република Македонија, но и да ги унапредат условите за работа и вработување на младите.
„Целта на проектот и нашата заложба како Министерство за труд и социјална политика, во контактите коишто ги имавме по однос на овој проект, се однесуваат на воспоставување механизми за комуникација помеѓу националниот економско – социјален совет и локалните економско – социјални совети, со цел економско – социјалниот совет да го гарантира опстојувањето на локалните економско – социјални совети, меѓутоа и да ги поттикне општините финансиски да ги подржат советите за да можат да функционираат на локално ниво и да не зависат од донаторска помош и од проекти како во случајот на УСАИД, за којшто сме многу благодарни што воспостави еден таков проект во Македонија, што на подолг рок ќе ги даде резултатите по однос на намалување на невработеноста, особено кај младите“, рече Ременски.