17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФранција парализирана од штрајкови

Франција парализирана од штрајкови

pariz strajk 353

Таксистите и контролорите на летови го блокираа поголемиот дел од сообраќајот во Франција, а попладне штрајкуваат и услужните и просветните работници, кои бараат повисоки плати и подобри услови за работа, но и зголемување на куповната моќ.

Таксистите кои штрајкуваат веќе неколку дена, во вторник ги блокираа приодите до поголемите аеродроми во Франција, а авиосообраќајот го отежнува и штрајкот на контролорите на летање, поради што беа откажани летови.

Патниците во Франција, во вторник се соочија со потешкотии да стигнат на работа, поради тоа што таксистите ги блокираа патиштата  и улиците во Париз, Марсеј, Тулуз и други поголеми градови. Блокадите особено се насочени кон обиколниците во градовите.

Полицијата во Париз ги советува граѓаните да не излегуваат на патиштата, особено на обиколниците, кои се блокирани, но внатре во градот, таксистите ги блокираат и тие улици, или расфрлаат гуми за да го забават сообраќајот. Неретко, тие палат гуми и други материјали со цел да ги одвратат граѓаните да возат по улиците.

Полицијата до 10 часот уапсил 20 таксисти кои блокирале патишта и палеле гуми и други објекти, под обвинение за насилство, носење оружје и палење оган.

Оние кои требало да стигнат на аеродром и во вторник да летаат, биле советувани да излезат од дома пред 5 часот наутро, без разлика дали летот им е попладне.

На блокадите се зголемуваат тензиите, затоа што таксистите излегуваат од своите возила и физички со своите тела ги блокираат улиците.

Сепак, парижани не го поддржуваат штрајкот. Велат дека им е преку глава од тоа што се блокирани улиците и не можат да стигнат на работа.

„Таксистите не сопираат кога ги застануваш, никогаш не се љубезни и само ги блокираат улиците. Не се трудат воопшто да се поправат, заглавени се во минатото. Немам никакви симпатии за нив“, вели еден нервозен парижанец.

„Таксистите само сакаат луѓето да се придржуваат на правилата. Чувствуваат дека владата не прави ништо за да ги заштити. Луѓето се возат со такси. Значи, тоа е во интерес на сите. Сите ја биеме истата битка. Се надевам дека владата ќе реагира и ќе направи нешто. Со години само ветуваат, а не направиле ништо“, вели еден таксист.

На аеродромот „Орли“ еден таксист бил повреден кога автобус што пренесува патници од аеродромот кон градот, насилно ги истуркал блокадите и поминал, но таксистите почнале да фрлаат со камења по него, ги скршиле прозорците и ги принудиле патниците да се симнат.

На истиот аеродром, патниците кои се качиле во такси, во компании кои не го поддржуваат штрајкот, биле присилени да излезат од автомобилите.

Слични блокади има и на аеродромот „Шарл де Гол“.

Властите на француската цивилна авијација повикаа да се откаже еден на пет летови, по штрајкот на контролорите на летање, кои бараат повисоки плати и подобри услови за регрутирање.

Air France објави дека ќе ги изврши сите летови на долги дестинации, 80 отсто од кусите и средните летови, во Франција и во Европа, но не е исклучена можноста од откажување на летот во последните моменти.

EasyJet откажа 35 летови, најмногу во Франција, но и за Швајцарија, Италија и за Шпанија.

Стотици илјади услужни работници и наставници, во вторник ќе почнат со штрајк, мотивирани од ниските плати.

Градинките и школите ширум земјата се затворени, а многу училишта ќе работат без учителите.

Во многу градови ќе има штрајкови во текот на денот, но најмасовниот се подготвува за Париз, во попладневните часови, каде ќе маршираат наставниците.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП