18 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВолстрит повторно под притисок од падот на цената на нафтата

Волстрит повторно под притисок од падот на цената на нафтата

Wall-Street1

Цените на акциите на Волстрит во понеделникот остро паднаа, а под најголем притисок беше енергетскиот сектор со оглед дека цената на нафтата повторно падна.

Dow Jones падна 208 поени, или 1,29 отсто, на 15.885 поени, додека S&P 500 потона 1,56 отсто, на 1.877 поен, а Nasdaq се намали за 1,58 отсто, на 4.518 поени.

По два дена раст и првата неделна добивка во оваа недела, берзанските индекси во понеделникот повторно тргнаа по надолна линија бидејќи инвеститорите ги обесхрабри новиот пад на цената на нафтата.

Откако во петокот цената на барелот скокна околу 10 отсто, вчера падна за 6 отсто и повторно тргна кон најниското ниво за последните 12 години.

Вчера паднаа цените на акциите во сите 10 сектори од индексот S&P 500, а најмногу, за 4,5 отсто, во енергетскиот сектор. Притоа акциите на Exxon и Chevron поевтинија за над 3 отсто, додека цената на ConocoPhillips потона за над 9 отсто.

Лошо расположение владее на Волстрит од почетокот на годината, што се должи на загриженоста на инвеститорите за забавување на растот на кинеската економија и падот на цената на нафтата.

Минатата недела берзанските индекси пораснаа прв пат во оваа година, благодарение на надежите на инвеститорите дека цената на нафтата се стабилизираше, а европската и јапонската централна банка ќе воведат нови поттикнувачки мерки.

Меѓутоа, вчера берзите повторно се најдоа под притисок од падот на цената на „црното злато“.

„Моментно сѐ зависи од нафтата. Во четвртокот и петокот, кога нафтениот пазар делуваше подобро, пораснаа и цените на акциите. Но, со оглед дека цената на нафтата повторно падна за 2 долари, падот на берзанските индекси никого не го изненади“, вели Мајкл Џејмс, директор во компанијата Wedbush Securities.

Инвеститорите се внимателни и поради тоа што во текот на неделата ќе биде објавен извештајот за американскиот БДП. Аналитичарите опфатени во анкетата на  Reuters очекуваат остро забавување на растот на БДП-то во четвртот минатогодишен квартал на само 0,8 отсто.

Поддршка на берзите, пак, би можеле да им пружат челниците на Фед кои во вторник и среда треба да одржат редовна седница. Кога во декември за прв пат од 2006 година ги зголеми клучните каматни стапки, американската централна банка сигнализираше дека во оваа година би можела во четири наврати да ја зголеми цената на парите.

Меѓутоа, аналитичарите веруваат дека поради превирањето на финансиските берзи на почетокот од годината, челниците на Фед веројатно ќе го забават темпото на заострување на монетарната политика и се надеваат дека таквите сигнали од овонеделната седница би можеле да дадат поддршка за берзите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП