Цената на нафтата се спушти во понеделникот на светските берзи на 31 долар, откако Ирак извести за рекордно производство, нагласувајќи го дополнително проблемот со прекумерното снабдување на светските берзи.
На лондонската берза цената на барелот падна за 83 центи во однос на претходното затворање и изнесуваше 31,35 долари. Во петокот го заклучи тргувањето во плус од речиси три долари. Во САД со барелот денеска се тргува по 85 центи пониска цена, од 31,34 долари. Во петокот тргувањето го заврши во плус од 2,66 долари.
На крајот на минатата недела цената на нафтата ја катапултираше студот и снежното невреме во САД, поради што скокна цената на нафтата за греење за над 10 отсто, повлекувајќи ја и цената на сировата нафта. Трговците реагираа со брзо купување верувајќи дека периодот на остар пад на цената можеби конечно завршил.
Нагорниот тренд во понеделникот сопре по податокот од Ирак за рекордно производство во декември. Од министерството за нафта на Ирак соопштија дека нафтените полиња во централниот и јужниот дел на земјата произведуваат дури 4,13 милиони барели дневно.
Одвоено, висок неименуван извор во министерството за Reuters изјави дека оваа година би можело дополнително да биде зголемено производството.
„Веста дека Ирак веројатно забележа нов рекорд се надоврзува на оценките за прекумерната понуда“, констатира Ханс ван Клиф од амстердамски ABN Amro.