18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛајчак: Ако пропадне Шенгенот, најтешки последици ќе има западен Балкан

Лајчак: Ако пропадне Шенгенот, најтешки последици ќе има западен Балкан

лајчак

Мигрантската криза, на чиј удар се најде европскиот континент, сериозно го доведе во прашање Шенгенскиот договор, а доколку тој пропадне најтешки последици ќе имаат земјите од западен Балкан, предупреди словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак, во интервјуто што во понеделник го објавија бањалучкиот весник „Независне новине“.

„Кога и да немаме веродостојна стратегија на европско ниво, земјите донесуваат одлуки сами за себе. И тоа само покажува колку е важно Европската унија(ЕУ) да излезе со реалистична и изводлива стратегија како да се реши прашањето на мигрантите. Ако продолжиме да носиме одлуки секој за себе, тогаш може да дојде до ситуација Шенгенот да го снема. А се плашам дека највисоката цена за тоа ќе ја платат граѓаните од западен Балкан“, рече Лајчак, дипломат кој важи за одличен познавач на состојбите на Балканот.

Според него, до сега се предлагале многу нереални решенија што било невозможно да се спроведат, што само ја отежнувало ситуацијата.

Лајчак смета дека клучот е во заштитата на надворешните граници на Шенгенот, со регистрација на бегалците кои таму се пријавуваат.

Тој додава дека сега најголем проблем е што бегалците минуваат низ Грција без посебен надзор и ограничувања, а до јуни, до кога е рокот за воспоставување на заедничка европска служба за надзор на границата, има многу време и тешко е да се предвиди што ќе се случи.

На директно прашање дали сегашната криза ќе доведе до распад на ЕУ, Лајчак одговори дека не верува оти тоа ќе се случи.

„ЕУ ќе биде тука, бидејќи таа им е потребна на сите членки на Унијата, па на тие теми не треба да се троши време“, рече шефот на словачката дипломатија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП