23 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПротести и штрајкови во Грција

Протести и штрајкови во Грција

protesti-grcija

Грчките земјоделци, како што најавија ден претходно, во четвртокот ги блокираа клучните правци со своите трактори во знак на протест поради најавеното кастрење на пензиите и зголемување на даноците, а протестите се проширија низ целата земја и  се очекува новиот бран штрајкови да ја погоди Грција околу 4-ти февруари.

Блокиран е автопатот кој ја поврзува Грција со Турција, а блокади има и во северна и централна Грција, пренесуваат медиумите. Истовремено и поморците го продолжија 48-часовниот штрајк и повеќето траекти останаа во пристаништата. Железничкиот сообраќај е забавен поради штрајкот на вработените на железницата.

Повеќе од две илјади адвокати, инженери, нотари, фармацевти, лекари и други самовработени лица се собраа на протестите во главниот град Атина околу пладнето, извикувајќи „Велиме не на пензиските реформи“. Слични собири се организирани и во другите грчки градови, јави државното радио.

Владата на коалицијата на радикалната левица Сириза на премиерот Алексис Ципрас е под притисок да ги спроведени пензиските реформи, како предуслов за продолжувањето на странската финансиска помош. Меѓу планираните мерки, е и кастрењето за околу 15 отсто на новите пензии.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Европската унија (ЕУ) се воздржани во поглед на предлогот за реформите на грчките пензиски систем, поради тоа што тие делумно би се финансирале со зголемување на придонесите на работодавачите и вработените, што, пак, како што сметаат, би го спречило економското закрепнување и создавањето нови работни места.

Премиерот Ципрас во рамките на Светскиот економски форум во швајцарски Давос во четвртокот изјави дека не би требало да се спроведе уште едно намалување на пензиите по претходните 12 реформи со коишто беа намалени разните бенефиции за пензионерите од 2010 година.

Германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, на истиот панел во Давос, неспоменувајќи ја директно грчката реформа на пензискиот систем, рече дека она што е најважно е земјите од Европската унија да се придржуваат до договорите што ги постигнал. Германија изминатите шест години од грчката должничка криза често ги критикуваше владите во Атина дека не се придржуваа до договореното.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП