23 април, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија

Интервју со Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија

danela

Сојузот на стопански комори на Македонија во изминатите две години прерасна во деловна мрежа во која членуваат вкупно 24 стопански комори од кои 2 билатерални, 8 регионални и 14 општи и секторски, со над 30 групации, здруженија и асоцијации. Со својата организација и со своите 20.000 членови е најголемата македонска деловна мрежа. Со Сојузот, веќе две година менаџира претседателот Данела Арсовска. 

Денар: Како ја оценувате 2015. на економски план и кои се вашите очекувања за 2016.? 

Во 2015 година, македонската економија беше изложена на внатрешни и надворешни влијанија кои имаа голем удел врз проекциите за економски раст, како домашната политичка ситуација, така и прелевањето на мигрантската и економската криза од соседството. Тие случувања имаа влијание во насока на ревидирање на проекциите за економски раст за оваа година, со тоа што нашите предвидувања од минатата година за раст од околу 4%, ги намаливме на околу 3,2%. Сепак, овој раст е солиден и се базира на извозот и инвестициите, а дополнителен придонес има и личната потрошувачка.

bbbb

Денар: Очекувате оваа година да биде подобра?

На бизнис заедницата секогаш и останува надежта дека ќе биде подобро. Во секој случај не е добро да бидеме песимисти затоа што тоа ќе значи нереализирање на сите предвидени инвестиции за годината. Сето тоа значи остварување на пласманите кои ги имаме зацртано за 2016. и сето она што треба да го оствариме оди во позитивна насока доколку факторите се стабилизираат, растот да биде поголем.

Главните двигатели на растот и годинава ќе бидат инвестициите – и домашните и странските, како и од реализацијата на инфраструктурните проекти, вложувањата во патиштата и во енергетиката. Сепак, ние сметаме дека приватниот сектор треба да биде главниот носител на економијата и најголемиот генератор на растот.

Доколку се исполнат очекувањата економијата ќе се зголеми за околу 4%, но во секој случај бројни се факторите кои влијаат на крајниот резултат. Стабилност и континуитет се предуслов за развој на бизнисот, во спротивно развојните инвестициски проекти не се реализираат. Секоја нестабилност во државата, било да е таа политичка или не, не е добра и може да има поразителни резултати врз вкупната економија.

 

Денар: Кои активности ги преземате за подобрување на работењето на компаниите и намалување на внатрешните и надворешните притисоци?

Во насока на амортизирање на притисокот доставивме 65 мерки кои значително треба да ја подобрат бизнис климата и работењето на компаниите. Веруваме дека голем дел од нив ќе бидат усвоени, со оглед на успешноста од реализацијата на претходниот пакет мерки кој беше усвоен над 80 проценти. Пакетот од 65 мерки е структуиран во неколку категории, фискална политика, административни бариери, градежништво, енергетика, унапредување на пазарот на трудот, трговија развој на ИТ секторот. Акцент е ставен на Законските измени во брза постапка или новите законски решенија кои влијаат негативно врз работењето на компаниите.  Потребно е институциите навремено да информираат за новите законски решенија како не би имало последици врз работењето на компаниите. Исто така, треба да се реши и проблемот со комуналните такси, сегашниот модел е застарен. Две компании со различна дејност нема логика да плаќаат ист или сличен износ на комунални такси.

Сметаме дека имаме потенцијал како земја со најбрзо растечка економија во регионот и една од најдобрите за водење на бизнис во светот да се даде поголема поддршка на приватниот сектор. Со зголемување на бројот на вработени да се стремиме и кон зголемување на стандардот и подобар квалитет на живеење на самите граѓани. Исто така, потребно е да се работи на развојни проекти. Се чини дека регулативата го поклопи стопанството и целото време е посветено на решавање административни прашања, кои ја исцрпуваат целата енергија за да се размислува за смел производствен развој.

 

Денар: Голем проблем кој се провлекува со години е неликвидноста. Беа воведени повеќе инструменти–незадолжителна задолжница, Закон за финансиска дисциплина. Дали имаат ефект?

Компаниите сфатија дека зависат едни од други и дека мора да се трудат да ги помируваат обврските навреме. Задолжницата и Законот за финансиска дисциплина веќе даваат резултати. Кај компаниите најважно беше да се зголеми свеста дека треба да се креира некоја култура на плаќање и едноставно да се исчисти пазарот од оние кои што нефункционално работат.

 

Денар: Кои беа главните активности на ССК во 2015?

Сојуз на стопански комори на Македонија е современа, иновативна, динамична и најбрзорастечка македонска деловна мрежа, која ги следи модерните достигнувања во бизнис светот. Токму затоа, најголем дел од компаниите го препознаа Сојузот како партнер организација која ги поддржува во нивниот брз развој, во нивниот претприемачки дух, во следење на најновите достигнувања во светот на бизнисот. Во изминатите 2 години Сојузот, прерасна во деловна мрежа во која пристапија вкупно 24 стопански комори од кои 2 билатерални, 8 регионални и 14 општи и секторски, со над 30 групации, здруженија и асоцијации. Со својата организација и со своите 20.000 членови е најголемата македонска деловна мрежа. Годинава под покровителство на Кабинетот на Претседателот Иванов, согласно прецизно воспоставени критериуми, доделивме Признанија за македонски квалитет 2015 на 10 најуспешни домашни компании, меѓу кои и на 20.000 член на Сојузот. Од поголемите проекти би го издвоиле формирањето на постојаниот избран суд Арбитража, каде за претседател е назначен академик проф. д­-р Владо Камбовски.

Членови на претседателството на Постојаниот избран суд за Арбитража се академиците проф. д-р Таки Фити и проф. д­-рАбдулменаф Беџети и други истакнати експерти во областа на правото. Склучивме партнерството со МАНУ како еден вид гарантен модел за стабилна економска иднина, во услови на зголемување на економскиот притисок од глобалната конкуренција. Во рамки на Сојузот активно работи и Македонски Центар за Наука, истражување и едукација преку кој се спроведуваат програми за образование на возрасните. Имплементирани се одредени Законски измени и иницијативи на барање на комората како измените во Законот за прекршоци, повластената стапка на ДДВ од 5 отсто за становите останува и наредните три години, изменет е законот во делот на реинвестираната добивка, потоа направени се измени во Законот за архивско работење, задолжителна задолжница, како и останати законски измени кои од голема важност за компаниите.

Во 2015 потпишавме и Меморандум за соработка со Инспекцискиот Совет на Република Македонија, од кој ќе произлезат два конкретни чекори и тоа првиот, тимови од Инспекциоскиот совет на терен ќе работат на сузбивање на сивата економија и нелојалната конкуренција на нерегистрирани субјекти, а во исто време и ќе се изготват чек листи кои ќе бидат достапни за целата јавност преку кои ќе можат компаниите да имаат точна информација за сите неопходни документи и процедури кои треба да ги спроведат како би се спречиле санкционирања од неинформираност за компаниите.

bccc

Денар: Сојузот на стопански комори лани имаше многу активности и на меѓународен план преку учество на повеќе саеми, самити и конференции.  Кои се ефектите од сето тоа?

Во последниот квартал од годината, на меѓународен план остваривме значајни средби и присуствувавме на топ светските лидерски настани. Бевме единствени претставници од Македонија во советодавното тело на самитот на Г-20. Тоа е голем успех за нас бидејќи таму светските лидери ја креираат и глобалната економска политика која најпрвин почнува од најсилните стопанства. Тоа не значи дека и ние помалите не сме важни и дека не треба да влијаеме во таа насока.

Би го издвоила нашето учество на 5. Економско трговски форум во Кина и Потпишан договор за директен пристап до кинескиот пазар со All­ChinaFederationofIndustryandCommerce (ACFIC), најмоќната бизнис асоцијација во оваа земја, која има над 4 милиони членови. Ова е од исклучително значење за сите оние македонски стопанственици која ја гледаат иднината на својот бизнис и на овој пазар каде веќе имаме одлични релации и потенцијал кој што треба да биде искористен.

Потоа, имавме учество и на Самитот за климатски промени COP21 во Париз. Годинава заедно со Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот бевме спонзори на 9. Светски коморски конгрес во Торино каде ја зајакнавме соработката со претседателите на стопанските комори на Дубаи, Австралија, Јапонија и домаќинот на конгресот Торино, Италија. Овие се најзначајните светски бизнис случувања годинава каде бевме присутни, секако реализиравме и голем број билатерални и трилатерални форуми во нашата земја во насока на зајакнување на интернационалната промоција на македонското стопанство.

Навистина се надеваме дека во 2016. овие резултати кои што ги имавме на меѓународен план ќе вродат со плод и ќе успееме за нашите македонски стопанственици да го обезбедиме она што е најдобро.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП