20 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАГодишна изложба на уметници од Кавадарци во Куманово

Годишна изложба на уметници од Кавадарци во Куманово

kul izlozba 33

Годишната изложба (2015) на Друштвото на ликовните уметници од Кавадарци  ќе биде отворена во четврток, со почеток во 19.30 часот. во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово.

Изложбата  се реализира во соработка со Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци.

Друштвото на ликовни уметници Кавадарци (ДЛУК) речиси 40 години опстојува на македонската ликовна сцена. Една од најстарите ликовни асоцијации во Македонија по ДЛУМ, настаната како логично продолжување на неформалната ликовна група „Млади ластари“, чии членови и го формираат ДЛУК.

Во ДЛУК членуваат академски ликовни уметници од Кавадарци и Тиквешијата, а низ текот на годините успешно постоење успеа да се наметне како релевантен во својата дејност не само во Кавадарци. Освен на групни изложби во Кавадарци, уметничките дела на кавадаречките уметници преку ДЛУК се претставени и во повеќе европски земји (Франција, Словенија и др.). Членови на ДЛУК се познати и етаблирани ликовни уметници кои се во врвот на македонската ликовна сцена и кои денес излагаат низ целиот свет. Голем дел од членовите на ДЛУК денес живеат и работат надвор од Кавадарци, но и надвор од Македонија, а меѓу нив и такви имиња кои ја претставуваа Македонија на престижното Венециско Биенале (Глигор Стефанов, Елпида Хаџи – Василева). Дел од нив со свои дела учествуваат и на традиционалната Годишна изложба на ДЛУК за 2015 година која премиерно беше поставена во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци и официјално отворена на 28 декември 2015 година и траеше до 15 јануари 2016. Гостувањето во Куманово на Годишната изложба на ДЛУК доаѓа веднаш по кавадаречкото издание, па така пред кумановската јавност со свои дела во различни техники и материјал ќе се претстават дваесетина ликовни уметници, членови на ДЛУК: Ќиро Јосифов, Владимир Темков, Димитар Самарџиев, Горан Боев, Горан Ѓорев, Ѓорѓи Дичов, Марија Дичова, Ванчо Кеков, Ива Јосифова, Ристо Соколов Сокол, Трајче Јованов, Стефанија Стојановска, Цветанка Темкова Илова, Иван Јовчев Ковацалиев, Симона Манчева, Томе Филов, Петар Наневски, Елпида Хаџи – Василева, Никола Ивановски и Лазар Дојчинов.

Годишната изложба на ДЛУК 2015 е посветена на еден од најдобрите кавадаречки и македонски ликовни уметници, прерано заминатиот Ристо Соколов Сокол, инаку еден од основачите и долгогодишен претседател на ДЛУК.

Изложбата во Куманово ќе биде поставено до 04.02.2016 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП