17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПретставени новитети за поквалитетен планински туризам во Маврово

Претставени новитети за поквалитетен планински туризам во Маврово

mavrovoto 33

Националниот парк Маврово и Здружението на водичи во планина Апленд Доживување, потпишаа договор со кој ја продлабочија својата соработка за организирање и спроведување на планински тури на територијата на паркот.

Со овој договор, покрај екслкузивното право за користење на детската патека Бунец на која ќе се организираат и спроведуваат детски планински тури, водичите од Апленд се здобија со право и за користење на планинарските патеки за организирање на тури за планинарење. Од друга страна, здружението Апленд се обврза да ги одржува патеките и да се грижи за сигнализацијата на патеката заедно со вработените во Националниот парк Маврово.

„Овој договор, пред сè, претставува нов почеток, односно спроведување од една страна на законските обврски кои се предвидени, за едно вакво заштитено подрачје како што е Националниот парк Маврово и, од друга страна, поттикнување на приватниот сектор со цел во една системска уредена обврска да го решиме начинот на водење туристи пред сè во Националниот парк Маврово. Се однесува на тековно оддржување на веќе постоечката и поставена туристичка инфраструктура како и нови можности и нови идеи кои би произлегле во иднина и како на барање на посетителите така и на иницијатива на паркот и на здружението за отварање на нови патеки и нови туристички содржини кои што би требало да се развиваат“, изјави директорот на Националниот парк Маврово, Онер Јакуповски.

Преку овој договор се интензивира соработката на Националниот парк Маврово со приватниот сектор, претставен преку здружението Апленд, а со кој се прават напори за подобрување на квалитетот на услуги за планинските туристи.

„Оваа спогодба денес што ја потпишавме помеѓу Upland Adventure, здружението на водичи во планина на територија на Општина Маврово и Ростуше, со Националниот парк е од големо значење. Со овој договор се надевам ќе овозможиме подобра соработка и подобри услови за идните туристи кои ќе доаѓаат на територијата“, изјави претседателот на здружението на водичи во планина Апленд Доживување, Фејсел Идризи.

Туристичкиот информативен центар на Национален парк Маврово ќе адаптира работен простор за состанување и континуирана работа на групата за менаџмент на дестинација од Маврово. Сите работни алатки и мапи на проток на туристи ќе бидат поставени и видливи за сите што имаат предлог идеи за развој и поодобрување на туристичката услуга во Маврово. Инфо центарот на Национален парк Маврово ќе биде точка каде туристите и бизнисите ќе може да се информираат за плановите за сезоната, календарот на настани во сезона, плановите за развој на активниот туризам и што од ова е веќе достапно во Националниот парк.

„Со овој договор, Националниот парк Маврово и здружението на водичи во планина Апленд влегуваат во партнерски однос со кој на планинските туристи во Маврово ќе им понудиме подобро одржувани и подобро означени патеки, но и подобри услуги од обучени и локални водичи од здружението. Се надеваме дека со оваа соработка, ќе се зголеми квалитетот на планинските тури кои се нудат во Маврово, но исто така ќе се зголеми и бројот на планински туристи“, изјави Јакуповски.

Оваа година, скијачката сезона во Мaврово беше отворена на 14-ти јануари и по втор пат бизнисите во дестинацијата подготвија календар на настани кој може да се види на социјалните мрежи, флаери во магазините и банери во дестинацијата.

„Се надевам дека преку оваа соработка ќе понудиме подобри и поквалитетни планински тури, со локални едуцирани и обучени водичи кои најдобро ги познаваат патеките и природните богатства на овој крај“, изјави Идризи.

Соработката помеѓу Националниот парк Маврово и Здружението Апленд започна со отворањето на едукативната детска патека во Маврово, за што добија и обука за работа со деца преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME), програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) имплементирана од Swisscontact.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП