4 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОДрама во Краков, Манасков ја однесе Македонија во наредната рунда

Драма во Краков, Манасков ја однесе Македонија во наредната рунда

manaskov-man

Македонските ракометари ќе играат во наредната фаза на ЕП во Полска, откако во решавачкиот меч во А групата одиграа 27:27 (13:13) против репрезентацијата на Србија. Македонија во наредната рунда ќе влезе без бодови, а покрај ‘црвено-жолтите’ од А групата натаму одат Франција и Полска.

Мечот во Краков донесе вистинска драма на две селекции кои силно го посакуваа пласманот во наредниот круг. Ниту една селекција во текот на натпреварот не создаде предност поголема од два гола, а во вториот дел предноста на двата тима никогаш не беше поголема од еден гол.

Македонија против Србија одигра нервозно, осoбено во првата половина од првиот дел, бавно во нападот, кога Србите целосно го изолираа Кире Лазаров. Густата одбрана Србите најдобро ја искористија крилата Манасков и Георгиевски кои заедно постигнаа 15 голови.

На крајот, големата борба беше решена во последите десет секунди, прво Ѓукиќ погоди за водство на Србија, а потоа Манасков врати во последната секунда за израмнување и пласман на Македонија во наредната рунда.

Србите го отворја мечот со голот на Шешум, но Македонија возврати преку Манасков и Кире Лазаров, по што започна да се игра гол за гол сé до 13. минута (5:5), тогаш Србите постигнаа два гола (Шешум и Никчевиќ) и првпат стекнаа предност од два гола. Во овој период од играта Станиќ му одбрани два седмерца на Кире Лазаров и беше најзаслужниот за водството на Србија.

Исто така, ‘црвено жолтите’ не можеа да се справат со брзите бекови на Србија, која во првата половина од првото полувреме шест од седумте гола постигна од бековските позиции.

До 17. минута Македонија успеа да израмни (7:7), егал беше сé до истекот на 20.минута (8:8), а во наредните пет минути Македонија, благодарение на трите гола на Манасков со серија од 4:2, стигна до водство од 12:10.

Паметно Македонија во втората половина од првиот дел ја користеше фокусираноста на српската одбрана врз Лазаров, па во нападот погодуваа крилата Георгиевски и Манасков.

Во последните пет минути Србија, сепак, избори егал резултат, Марсениќ и Ненадиќ постигнаа голови, Лазаров не реализираше чист зицер, Георгиевски постигна гол за 13:13, а Србија израмни на 13:13 од седмерец преку Ненедиќ по истекот на времето.

Големата борба која започна од првата минута продолжи и во второто полувреме. Шешум погоди за предност на Србија, а Македонија возврати преку Георгиевски и Лазаров, потоа Никчевиќ израмни на 15:15.

Следуваше период од 34. до 38. минута во кој Србија правеше технички грешки во нападот, но блесна Станиќ кој одбрани три зицера (Прибак, Георгиевски, Манасков).

Серијата од четири минути без постигнат гол ја прекина Никчевиќ (15:16), врати Манасков со два гола, Ненадиќ одоговори со иста мерка, па потоа Стоилов постигна убав гол од пивотменската позиција за 18:18 (42. минута).

Нашата одбрана немаше решение за расположенито Ненадиќ, кој за 16. минути во вториот дел постигна четири гола, но голгетерската форма од првиот дел ја задржа Манасков за 19:20 (46. минута).

Водството на Македонија ѝ го врати Георгиевски со два гола, откако Србите не реализираа една чиста контра, 21:20 (49. минута).

Со играч помалку Србија повторно стигна до израмнување преку Никчевиќ, врати Манасоков со гол од пенал, а Зеленовиќ израмни на 22:22 (51. минута). Веднаш потоа лош напад организираше Македонија, топката беше одземена поради пасивен напад, а во полуконтра Зеленовиќ поентираше за 22:23, а веќе во наредниот напад Стоилов израмни на 23:23 (53. минута).

Марсениќ постигна гол од тешка позиција, па врати Миркуловски во свој стил за 24:24 (54. минута). Технички грешки направија и едните и другите, потоа Манасков промаши од тешка позиција, Шешум поентираше од девет метри, а Миркуловски повоторно го врати резултатот во егал 25:25 (56. минута).

Нова предност за Србија и повторно Шешум кој ја презеде одговорноста во финишот на мечот. Добар напад за Македонија, Лазаров погоди, но судиите го поништија голот поради наводно пробивање од страна на Миркуловски.

На 90 секунди до крајот Србија не реалзиираше напад за два разлика, па следуваше долг напад на Македонија, во кој Миркуловски, на 45 секунди до истекот на времето, изнуди исклучување на Марсениќ.

Нападот на Македонија продолжи со скок шут на Лазаров, Станиќ одбрани, но топката ја прифати Стоилов и израмни на 26:26, на 20 секунди до крајот.

По тај аутот на српскиот селектор, Србите изведоа брза акција, нашата одбрана беше премногу статична, а Ѓукиќ поентираше под Ристовски на десет секунди до крајот. Последниот напад Македонија го играше без голман, со седуммина во поле, акцијата изработена за Манасков кој погоди за израмнување и за пласман на Македонија во вториот круг.

Дејан Манасков со десет голови беше најефикасен на мечот, Герогиевски постигна пет, Лазаров и Стоилов по четири гола. Србија ја предводеа Ненадиќ и Шешум со по седум гола, односно голманот Станиќ со 13 интервенции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП