19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСАД на Иран ќе му вратат 1,7 млрд долари долг и му...

САД на Иран ќе му вратат 1,7 млрд долари долг и му наметнуваат санкции за балистичките ракети

sad1

САД на Иран ќе му вратат вкупно 1,7 милијарди долари долг и камати од периодот на Исламската револуција во 1979 година и прекинот на дипломатските односи, соопшти државниот секретар Џон Кери, а истовремено во неделата Вашингтон најави нови санкции за Иран во врска со неговата програма за балистички ракети, само ден по укинувањето на низата мерки поради иранската нуклеарна програма.

Враќањето на парите, што е резултат на спогодбата пред судот во Хаг, се однесува на 400 милиони долари коишто беа замрзнати од 1981 година и 1,3 милијарди долари камати, но не се поврзани со десетици милијарди долари коишто Техеран треба да ги добие назад откако во саботата стапи на сила договорот за неговата нуклеарна програма и укинувањето на меѓународните и западните санкции.

Тие средства се дел од фондот кој Иран некогаш го користел за купување воена опрема во САД, кој со децении беше блокиран поради американско-иранската судска парница. Оваа најава стигна откако Техеран ослободи пет американски државјани по спроведувањето на нуклеарниот договор.

Од друга страна, пак, пет Иранци и мрежата компании базирани во Обединетите Арапски Емирати и во Кина се додадени на американската финансиска „црна листа“, објави во неделата американското министерство за финансии. Нивниот евентуален имот ќе биде замрзнат и забрането им е да тргуваат со американски компании и државјани, според овие санкции коишто се очекува да предизвикаат остри реакции на иранските власти.

Иранскиот претседател Хасан Роухани пред објавувањето на новите американски санкции предупреди дека Техеран ќе „реагира на секоја акција“. „Доколку Американците преземат каква и да е мерка, ќе добијат соодветна реакција“, изјави Роухани на прес-конференција во Техеран.

Единаесет компании и поединци од листа на американката администрација се обвинети дека овозможувале испораки на компоненти за балистичките проектили на Иран „криејќи ги трагите“ за нивното вистинско одредиште преку мрежите на „параван“ компаниите, наведува американското министерство.

Само ден по стапувањето на договорот за нуклеарната програма меѓу Иран и шесте светски сили, се воведуваат овие американски санкции поради тестирањето на иранските балистички проектили на 10-ти октомври и на 21-ви ноември, за кои е обвинет Иран. Со резолуцијата на советот за безбедност на ОН од 2010 година, на Иран му е забрането користење балистички проектили поради стравувањето дека може да бидат опремени со нуклеарни боеви глави.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП