Винарската визба „Сковин“ целосно ги исплати обврските кон лозарите за 2012 година, како и за лани, пред истекот на законскиот рок.
„Сковин“ го исплати грозјето од бербата 2012

Визбата годинава, како што соопшти, обработи рекордни 18,5 милиони килограми грозје од кои откупи 15,5 милиони килограми грозје од откупни центри, производители и физички лица. Останатите 3 милиони килограми грозје ги обезбеди од сопствени лозови насади.
– „Сковин“ останува доследна на својата деловна политика за регулирање на преземените обврски и почитување на временските рокови кон сите свои деловни соработници и кооперанти. Деловна политика на визбата е да ги почитува роковите за да им овозможи на кооперантите да вложуваат во зголемување на производството и неговиот квалитет. Добрите односи со лозарите се наш највисок приоритет. Квалитетот на нашиот производ директно зависи од квалитетот на нивниот. Затоа, не можеме да дозволиме негата на лозјата и насадите да зависи од исплатата на долговите, изјави извршната директорка Марија Митева на средба со лозарите.
И годинава „Сковин“, додаде, ги почитуваше препораките на Владата во врска со цените на исплата на грозјето, а воедно и роковите на исплата на лозарите, па предвремено и соодветно на законот за земјоделство и рурален развој го исплати откупеното грозје.
