24 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРусија ја намалува буџетската потрошувачка поради цената на нафтата

Русија ја намалува буџетската потрошувачка поради цената на нафтата

siluanov555

Русија во оваа година ќе ја намали буџетската потрошувачка за 10 отсто, најави министерот за финансии, укажувајќи на силен пад на цената на нафтата, клучен руски извозен производ.

„Се договоривме министерствата и владините агенции на министерството за финансии да му ги претстават своите предлози за оптимизација на буџетската потрошувачка за околу 10 отсто“, рече во средата на економската конференција во Москва министерот за финансии Антон Сулианов, потврдувајќи ги со тоа медиумските извештаи.

„Мораме да преземеме точно одбрани мерки за да го усогласиме буџетот со новите околности. Во сегашните тешки прилики мораме да говориме за многу штедлива, строга буџетска политика, за да не завршиме со висок дефицит или големи долгови“, предупреди Сулианов.

Рускиот буџет за 2016 година се темели на претпоставена цена на нафтата од 50 долари за барел и дефицит од три отсто, за кој рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека не смее да биде пречекорен.

Во средата со барел нафта во Лондон се тргува по 31,73 долари, а во САД по 31,33 долари.

Рускиот министер за финансии предупреди дека цената на нафтата би морала да порасне на 82 долари за да во целост се врамнотежи овогодишниот буџет. Тој истакна дека не треба да се очекува раст на цената на нафтата во блиска иднина, додека министерот за економија Алексеј Уљикаев прогнозираше дека цената на нафтата ќе остане ниска многу долго.

Минатата година буџетскиот дефицит изнесуваше 2,6 отсто.

Владата во Москва е присилена да посегне длабоко во резервите и да прекине да ја поддржува рубљата која значително ослабна во изминатата години.

Руската економија дополнително ја погодија западните санкции, поврзани со руското вмешување во кризата во Украина, како и руските контрамерки, вклучително  увозот на клучните прехранбени производи.

Намалената буџетска потрошувачка веќе го зафати министерството за внатрешни работи, кое планира да отпушти 10 отсто од вработените.

Годишната инфлација во Русија во 2015 година изнесуваше 15,5 отсто, при што цените на храната во просек растеа 19 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП