6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦената на нафтата Brent падна под 30 долари, првпат по 2004

Цената на нафтата Brent падна под 30 долари, првпат по 2004

nafta3020

Цените на светските пазари на нафта во средата вечерта го забрзаа падот поттикнати од податоците на американското министерство за енергетика за растот на резервите на суровини, па цената на сирова нафта од марката Brent првпат од февруари 2004 година падна под психолошката бариера од 30 долари за барел.

Според податоците од светски пазари на нафта во 20,31 часот по македонско време во средата, цената за испораките во март на северноморската нафтена мешавина од марката Brent падна за 2,23 отсто, до 30,26 долари за барел, а претходно во еден момент од тргувањето, првпат по 12 години, достигна и цена од 29,95 долари за барел. Цената на испораките за февруари на нафтата од марката WTI, пак, скокна за незначителни 0,08 отсто, на 30,46 долари за барел.

Според американското министерство за енергетика, обемот на комерцијалните резерви нафта во САД, без стратешките резерви, во седмицата која заврши на 8-ми јануари, се зголемил за 0,2 милиони барели, на 482,6 милиони барели. Аналитичарите, пак, предвидуваат дека овој показател ќе се зголеми за 2,504 милиони барели, на 484,804 милиони барели нафта.

Производството на нафта минатата седмица во САД, според извештајот од средата на споменатото министерство, се зголемило за 0,08 отсто, или за 8.000 барели дневно, на 9,277 милиони барели на дневно ниво. Резервите на нафтата во најголемиот американски терминал во Кушинг пораснале на 0,1 милион, на 64 милиони барели нафта.

Побарувачката на нафтените продукти, особено на бензините, остро се зголеми во текот на 2015 година, бидејќи потрошувачите ги користеа ниските цени. Некои инвеститори укажуваат на силните податоци за потрошувачката како основна причина, поради којашто тие очекуваат дека цените на нафтата ќе почнат да растат годинава.

Сепак, потрошувачката во САД последните неколку седмици забави, бидејќи топлото време доведе до намалување на побарувачката. На тоа се надоврза и забавувањето на растот на кинеската економија, најголемиот светски потрошувач на сировини.

Доколку побарувачката на нафтените производи и натаму остане на ниски нивоа, цените на нафтата може да останат ниски подолг период, отколку што сега очекуваат аналитичарите и инвеститорите.

Така, според краткорочните прогнози на министерството за енергетика на САД (EIA), просечната цена на марката Brent во 2016 година може да достигне 40 долари за барел, а во 2017 година да се зголеми до 50 долари за барел.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП