4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПовторно се намалува наталитетот во Словенија

Повторно се намалува наталитетот во Словенија

bebinja

Во последните пет години во Словенија повторно е забележан тренд на намалување на бројот на новороденчиња, па нивниот број секоја година во просек се намалува за 3 до 4 отсто, а демографите посебно ги загрижува фактот што во следните 10 години значително ќе се намали уделот на генерации жени во период за раѓање во општата популациска слика на државата.

Лани во 14 родилишта на свет дошло 20.001 дете, што е 610 породувања помалку од претходната година. Во само две родилишта бројот на раѓања е зголемен, додека во другите опаѓа.

Трендовите ги потврдуваат стравувањата за последиците на сè постарата демографска структура на словенечкото општество, што ги загрижува и економистите, а не само демографите и заговорниците за поактивна популациска и социјална политика.

Според податоците на словенечкиот национален Институт за јавно здравје, најмал број деца во Словенија по осамостојувањето се родени во 2003 година, 17.160, но трендот таа година беше запрен, па бројот на новороденчиња сè до 2011 година растеше, кога повторно започна да опаѓа.

Освен влијанието на кризата и намалените можности на младите семејства да издржуваат повеќе деца, новиот пад на бројот на новороденчиња се толкува и со смалувањето на уделот на жените на возраст за раѓање во вкупната структура на населението, што ќе биде уште поизразено во следните десет години ако не се промени имиграционата политика или не се воведат дополнителни стимули за семејствата со повеќе деца.

Словенечките демографи наведуваат дека нивната земја во смисла на природна обнова на популацијата е една од најзагрозените во Европската унија, бидејќи статистички гледано десет жени за време на животот раѓаат 12 деца, додека по Втората светска војна односот на наталитетот и морталитетот сè уште осигурувал „проста репродукција“, односно одржливо обновување на населението со 21 новородено дете на 10 жени.

Во Словенија денеска три пати повеќе луѓе умираат годишно, отколку што се раѓаат, без оглед што животниот век заради подобрите услови за живот и негата на старите е сè подолг, а очекуваната животна доба на новите генерации е висока.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП