27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОбама во последниот State of the Union отслика оптимистична иднина за САД

Обама во последниот State of the Union отслика оптимистична иднина за САД

obamata 335

Американскиот претседател Барак Обама го одржа ноќта кон средата по средноевропско време пред двата дома на Конгресот својот последен говор за состојбата на нацијата, или State of the Union, во кој се обиде да претстави светла иднина за Соединетите држави додека влегува во последната година од својот мандат, а републиканските потенцијални претседателски кандидати ги обвини за антимуслиманската реторика со која го „изневериле“ идентитетот на Америка.

Говорот за состојбата на нацијата беше една од последните можности претседателот Барак Обама да го привлече вниманието на милиони Американци и да ги истакне главните достигнувања во текот на својот мандат, пред медиумската политичка сцена да ја преземат аспирантите за негов наследник во Белата куќа.

„Верувам во промените бидејќи верувам во вас. И затоа стојам тука поуверен од кога и да е претходно дека нашата нација е силна“, рече Обама, отфрлајќи ги критиките на републиканските претенденти за претседателски кандидати кои тврдат дека американската економија е во лоша состојба, а угледот и силата на САД во меѓународните односи се во пад. „Секој кој тврди дека економија на САД е во пад, продава фикции“, порача Обама.

Во говорот немаше многу конкретни политички предлози, но Обама наместо тоа нагласи дека конгресмените и сенатори мора да се позанимаваат со важни прашања во иднината, без оглед на тоа кој ќе биде следниот претседател. Тие прашања вклучуваат: како да се осигурат економските можност за секој Американец, како да се користи технологијата да биде во служба на луѓето, како да се одржи сигурноста САД и како да се подобри политичката клима во земјата.

Говорејќи за надворешната и за безбедносната политика, Обама рече дека главен приоритет е „да се заштитат Американците и да се уништат терористичките мрежи“, но ги отфрли споредувањата на терористичките напади со „Трета светска војна“, и истакна дека екстремната сунитска организација Исламска држава „не ја загрозува нашата национална егзистенција“. Ги повика Американците, исто така, да „не наседнуваат“ на лагите дека Исламската држава го претставува исламот, додавајќи дека оваа џихадистичка група треба да се смета за она што и навистина е – „убијци и фанатици кои мора да бидат пронајдени, фатени и уништени“.

Во директната алузија на водечкиот републикански кандидат за претседателските избори во ноември, милијардерот Доналд Трамп, Обама рече дека навредувањето на муслиманите им нанесува штети на САД и го „изневерува“ американскиот идентитет. „Кога политичарите ги навредуваат муслиманите…, тоа нема да нé направи побезбедни. Тоа едноставно е погрешно. Тоа го намалува нашиот углед во очите на светот. Тоа ни отежнува да ги постигнеме нашите цели“, рече Обама.

Американскиот претседател, исто така, го поздрави прифаќањето на глобалниот климатски договор од декември во Париз, нуклеарниот договор со Иран, како и успесите во справувањето со епидемијата на еболата во западна Африка. Го повика Конгресот да ги укине трговските санкции за Куба, како и да го одобри Транспацифичкиот трговски договор кој САД го договорија минатата година со дванаесет земји во Тихиот Океан.

„Америка и претходно минуваше низ големи промени, војни и кризи, доаѓање на имигранти, работници кои се борат за подобри услови, движења за човекови права… И секогаш имаше такви коишто ни говореа дека треба да се плашиме од иднината, коишто тврдеа дека треба да ги запреме промените, ветувајќи ни дека ќе ја обновиме претходната слава, само ако ставиме под своја контрола некоја група луѓе или некоја идеја којашто ѝ се заканува на Америка. И секогаш успевавме да ги надвладееме тие стравови“, нагласи Обама.

Во својот говор директно ги повика републиканските и неговите демократски конгресмени и сенатори да го надминат партиските поделби за да се „оствари подобрата иднина“. „Таа ни е на дофат од раката, но ќе се оствари само доколку ја поправиме сопствената политика“, порача американскиот претседател.

Го повика, исто така, американскиот народ да не стане жртва на фрустрациите, секташтвото и омразата. „Не можеме да си дозволиме да одиме по тој пат. Тој нема да ни помогне да воспоставиме економија каква што сакаме, или безбедност каква што посакуваме или, пак, повеќе од сé, тој е спротивен на сето она поради коешто сиот свет ни завидува“, рече Обама.

Покрај тоа, најави дека во последната година од својот претседателски мандат ќе се обиде да го промени начинот на кој САД управуваат со своите енергетски ресурси. „Ќе продолжам да работам на начините преку кои управуваме со своите ресурси од јагленот и нафтата, за да можеме подобро да ги одразиме сите трошоци коишто им ги наметнуваме на нашите даночни обврзници и на нашата планета“, рече, меѓу другото, Обама.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП