Берзанските индекси на Волстрит во вторникот пораснаа втор ден по ред, благодарение пред се на закрепнувањето на цената на акциите во енергетскиот и биотехнолошкиот сектор.
Dow Jones зајакна 117 поени, или 0,72 отсто, на 16.516 поени, додека S&P 500 порасна 0,78 отсто, на 1.938 поени, а Nasdaq 1,03 отсто, на 4.685 поени.
Nasdaq вчера порасна прв пат по осум дена континуиран пад, што најмногу се должи на скокот на акциите во биотехнолошкиот сектор за 1,5 отсто, откако со денови беа под притисок.
За растот на овој индекс придонесе и акцијата на Apple, која порасна за 1,5 отсто бидејќи аналитичарите на Bank of America Merrill Lynch ја зголемија проценката за вредноста на акцијата на технолошкиот гигант.
Поддршка на берзата пружи и енергетскиот сектор, со раст од 0,4 отсто, иако цената на нафтата во многу нестабилно тргување падна на најниско ниво за 12 години.
Аналитичарите велат дека техничките показатели сугерираат дека станува збор за отскок на цените на акциите, по нивниот остар пад минатата недела.
Во првите пет работни дена од годината Dow Jones загуби од 6,2 отсто, додека S&P 500 се спушти 6 отсто, а Nasdaq 7,3 отсто, што е најлош почеток на годината на Волстрит во историјата, како последица на забавување на кинеската економија, депрецијацијата на јуанот и остриот пад на цената на нафтата.
„Берзата е спуштена многу ниско. Сѐ додека инвеститорите не се помират со тоа дека цената на нафтата ќе остане ниска, берзите ќе реагираат на веста за нафтата и Кина“, вели Брус Заро, стратег во компанијата Bolton Global Asset Management.
Во фокусот на инвеститорите сега е објавата на кварталните деловни резултати на американските компании, која не започна охрабрувачки.
Цената на акцијата на Alcoa падна 9 отсто, откако најголемиот американски производител на алуминиум извести за загубите во последното тромесечје.
Акцијата на Ford Motors, поевтини за 3 отсто, откако производитлеот на автомобили ги објави процените за резултатите.
Поради остриот пад на цената на нафтата, забавувањето на растот на светската економија и високиот курс на доларот, на корпоративна Америка и се заканува рецесија на добивката, односно нивен пад второ тромесечје по ред.
И на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонски FTSE зајакна 0,98 отсто, на 5.929 поени, франкфуртски DAX порасна за 1,63 отсто, на 9.985 поени, а париски CAC за 1,53 отсто, на 4.378 поени.