Британската нафтена и гасна компанија British Petroleum (BP) најави во вторник дека ќе отпушти пет отсто од работниците во земјите ширум светот заради континуираниот пад на цената на нафтата.
Во рамки на програмата за реструктуирање вредна 3,5 милијарди долари, BP ќе отпушти 4.000 работници во сегментот на истражување и производство. До крајот на годината би требало на платниот список во тој дел на работењето да имаат 20.000 работници.
Британската компанија на крајот на 2015 година вкупно имала 80.000 вработени.
„Сакаме да ја поедноставиме структурата и да ги намалиме трошоците, не загрозувајќи ја при тоа безбедноста. Очекуваме на глобално ниво бројот на вработени во сегментот на истражување и производство до крајот на годината да падне под 20.000“, рече портпаролот на компанијата.
Според неговите зборови, компанијата во Северното море во следните две години ќе отпушти 600 работници, со тоа што повеќето од нив ќе си заминат до крајот на оваа година.
Нафтените компании, вклучувајќи ги и Royal Dutch Shell и Chevron, веќе отпуштиле десетици илјади работници во земјите ширум светот за да можат да се справат со падот на цената на нафтата за околу 75 отсто од јуни 2014 и последователниот пад на заработката.
BP мора да плати и 20 милијарди долари казна заради излевањето на нафта во Мексиканскиот залив во 2010 година и во октомври најавија трет круг на кастрење на расходите. Така до крајот на 2017 година планираат да ја ограничат капиталната потрошувачка на 17 до 19 милијарди долари годишно.
Изминатите години веќе продадоа имот вреден повеќе од 50 милијарди долари за да ги покријат трошоците од излевањето на нафтата, а оваа година имаат намера да продолжат со продажбите во висина од три до пет милијарди долари.
Се проценува дека добивките на големите нафтени компании во сегментот на истражување и производство паднале во четвртото минатогодишно тромесечје во просек за 84 отсто, како и за 48 отсто во однос на претходните три месеца, наведуваат аналитичарите од компанијата Macquarie.
BP ќе ги објави деловните резултати за четвртото тромесечје и целата 2015 година на почетокот на следниот месец.