29 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСигналите од OPEC го сопреа падот на цената на нафтата

Сигналите од OPEC го сопреа падот на цената на нафтата

nafta 39222

Цената на нафтата се стабилизираше на светските берзи под 32 долари за барел, откако од Организацијата држави-извознички на нафта (OPEC) стигна сигнал за итен состанок, а дополнителна поддршка пружи и бранот купување.

На лондонската берза цената на барелот остана речиси непроменета во однос на претходното затворање и изнесуваше 31,70 долари. Со тоа лондонската берза речиси се изедначи со американската, каде со барелот се тргува по 31,65 долари, исто така без позначителни промени во однос на претходниот ден.

Вчера цената на барелот во Лондон падна за два долара, а на американската берза за 1,75 долари, под притисок од стравувањето за кинеската побарувачка со оглед на забавување на економските активности. Од почетокот на годината цената на нафтата падна за околу 16 отсто под притисок од прекумерната понуда, забавувањето на кинеската економија и берзанските превирања, но и силниот долар, кој ја поскапува нафтата.

Нафтениот пазар денеска се стабилизираше по изјавите на челниците на OPEC дека неколку членки побарале итен состанок и дека таквото барање е оправдано со оглед на актуелната состојба на пазарот.

„Барањето го упатија неколку држави, не сакам да ги именувам поединечно“, изјави генералниот секретар на OPEC, нигерискиот министер за нафта Емануел Ибе Качикву.

Досега ваквите барања остануваа без одзив со оглед на отпорот на водечкиот производител Саудиска Арабија која настојувајќи да го одбрани пазарниот удел толерираше остар пад на цената на нафтата.

На оваа вест се надоврза и бранот купувања со кој инвеститорите настојуваат да го искористат ниското ниво на цените, но и да го подигнат пазарот од исклучително ниското ниво. Општото расположение на пазарот укажува сепак на продолжување на надолниот тренд, предупредуваат аналитичарите, со оглед на сомневањата за побарувачката и на силната понуда.

Во такви услови берзите и натаму будно ќе ја следат состојбата во Кина, водечкиот потрошувач на нафта во светот.

Засебно, OPEC  на својата интернет страница објави дека цена на барел референтна кошничка негова нафта во понеделникот изнесуваше 27,07 долари, што значи дека била 1,39 долари пониска од претходниот ден.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП