2 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОстар пад на азиските берзи на почетокот на неделата

Остар пад на азиските берзи на почетокот на неделата

berzi azija 2994

Цените на акциите на азиските берзи остро паднаа во понеделникот, бидејќи инвеститорите се загрижени поради најлошиот почеток на годината на Волстрит и натамошниот пад на кинеските берзи.

На берзата во Шангај цените на акциите до 7.00 часот беа во минус над 2 отсто, додека берзанските индекси во Јужна Кореја, Сингапур, Австралија и Хонг Конг  паднаа помеѓу 08 и 2,2 отсто.

На токиската берза поради празник денеска не се работи, додека MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше во минус 2 отсто, откако минатата недела падна 6 отсто.

Во фокусот на инвеститорите и денеска се кинеските берзи, кои дополнително ослабнаа по минатонеделниот пад од околу 10 отсто поради забавување на растот на втората по големина светска економија и депрецијацијата на јуанот.

Кинеската централна банка одреди поголем курс на јуанот во однос на петокот, но тоа не ги охрабри инвеститорите, туку само доведе до натамошна конфузија во врска со плановите на Пекинг.

Минатата недела кинеската централна банка дозволи пад на курсот на јуанот кон доларот на најниско ниво од март 2011 година, што предизвика стравување дека состојбата во кинеската економија е полоша од што се мислеше и дека ваквиот потег би можел да предизвика нов бран на девалвација на валутите на останатите држави во регионот за да нивните производите останат конкурентни во однос на кинеските.

Неуспехот на кинеските власти во настојувањето да ги поддржат пазарите на хартии од вредност и валути предизвика стравување дека состојбата излегува од контрола.

„Се чини дека сме во центар на стравот, паниката и конфузијата на светските берзи“, вели Крис Вестон стратег во компанијата IG.

Инвеститорите ги загрижува и лошиот почеток на годината на Волстрит. Минатата недела  S&P 500 и Dow Jones индекс потонаа околу 6 отсто, што е најлош почетокот на годината за овие индекси во нивната историја.

Не делуваа охрабрувачки за инвеститорите ниту прогнозата на аналитичарите, кои во анкетата на Reuters очекуваат пад на добивката на американските компании од составот на S&P 500 во последниот квартал од годината за 4,2 отсто на годишно ниво.

Лошо на берзите влијае и натамошниот пад на цената на нафтата, откако во минатата недела потона за 10 отсто, изутрината падна на најниско ниво за последните 11 години.

Цената на барел на лондонската берза падна за 74 центи, на 32,81 долари, потонувајќи повторно на најниско ниво во 11 години од 32,16 долари.

Поради несигурноста на берзите инвеститорите бараат посигурно прибежиште за својот капитал, поради што изутрината зајакна јапонскиот јен.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП