23 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНова детска градинка ќе се гради во Аеродром

Нова детска градинка ќе се гради во Аеродром

gradinka 330

Проект за изградба на нова детска градинка во Општина Аеродром со капацитет од 250 места најави денеска градоначалникот Ивица Коневски.

„Денеска на мое огромно задоволство, а верувам и на задоволство на многу родители, можеме да го најавиме новиот проект на Општина Аеродром за изградба на нова детска градинка, втора по ред оваа година“, изјави Коневски.

Новата детска градинка, ќе биде изградена во рамки на клонот „Чекорче“ со средства од Буџетот на општината.

Според проектот, објектот ќе ги исполнува сите неопходни стандарди за ваков тип институции и ќе овозможи современи услови за згрижување и престој на деца од претшколска возраст.

Објектот ќе содржи 6 големи занимални на приземје и три на катот, што значи вкупно 9 занимални, простор за прием, кујна, санитарни јазли, административен простор и подрумски простории и сето тоа на површина од 1.700 квадратни метри.

Градинката ќе биде опремена со креветчиња, масички, столчиња, плакари, нагледни средства и играчки. Објектот ќе биде енергетски ефикасен, а материјалите за изградба ќе бидат еколошки прифатливи.

Со изградбата на новата детска градинка, како што рече градоначалникот Коневски, се очекува да се задоволи потребата од поголем капацитет за згрижување на децата, која е реална со оглед на зголемениот број дечиња во Општина Аеродром.

Дека грижата за децата е континуирана зборува и фактот што претходно беше изградена градинката „Сонце“ во Реонски центар „Аеродром“, а беа целосно реконструирани и постојните детски градинки, со цел да се овозможат што подобри услови за престој и воспитување на децата од претшколска возраст. Исто така, во 2017 година се очекува изградба на уште еден ваков објект.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП