23 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаст на азиските берзи, јуанот зајакна

Раст на азиските берзи, јуанот зајакна

berza azija093

Индексите на азиските берзи во петокот пораснаа, што се должи на закрепнувањето на кинеските берзи по остриот пад во претходните денови и првиот раст на јуанот по девет дена.

На токиската берза, Nikkei околу 7.00 часот беше во плус 0,2 отсто, додека цената на акциите во Јужна Кореја, Сингапур, Хонг Конг и Шангај порасна меѓу 0,4 и 3 отсто. Во Австралија акциите паднаа за 0,4 отсто.

Индексот MSCI на азиско пацифичките акции, без јапонските, беше во плус 7.00 отсто. Но, од почетокот на годината овој индекс е во минус околу 6 отсто.

На почетокот на денешното тргување индексот беше во минус, додека инвеститорите внимателно го чекаа отвореното тргување на кинеските берзи, откако кинеските регулатори го укинаа правилото за автоматско прекинување на тргувањето, доколку цените на акциите паднат за над 7 отсто.

Ова правило требеше да ја намали нестабилноста на берзите, но поради него во оваа недела во два наврати беше прекинато тргувањето на берзата во Шангај.

Изутрината, пак, цените на акциите во Шангај скокнаа за околу 3 отсто, благодарение на новите мерки на властите за стабилизација на берзите. Така се ублажија овонеделните загуби на помалку од 10 отсто.

На смирување на берзите влијаеше и одлуката на кинеската централна банка за зголемување на курсот на јуанот кон доларот, прв пат за последните девет дена, што поттикна надеж кај инвеститорите дека повеќе нема да дозволи депрецијација на валутата.

Претходните денови кинеската централна банка дозволи пад на курсот на јуанот кон доларот на најниско ниво од март 2011 година, што силно ги разниша светските финансиски пазари.

Слабеењето на јуанот предизвика стравување дека состојбата во кинеската економија е полоша од што се мислеше и дека тој потег би можел да предизвика нов бран девалвација во останатите држави во регионот со цел нивните производи да останат конкурентни во однос на кинеските.

За стабилизацијата на азиските берзи изутрината придонесе и растот на цената на нафтата. Цената на барелот на лондонската берза скокна за 1,9 отсто, на 34,40 долари, откако вчера потона на најниско ниво за 11 години, 32,16 долари.

На американската берза барелот скокна за 2 отсто, на 33, 91 долар, откако вчера падна на најниско ниво за 12 години. И покрај денешниот раст, цената на нафтата е во минус 8 отсто од почетокот на годината.

И на валутните пазари состојбата помалку се смирува, па изутрината јапонската валута ослабна откако во минатите денови силно зајакна  бидејќи јенот важи за сигурно прибежиште за капиталот во несигурни времиња.

Американската валута зајакна и кон европската па цената на еврото се намали за 0,4 отсто, на 1,0885 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП