26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајлош почеток на годината во историјата на Волстрит

Најлош почеток на годината во историјата на Волстрит

Wall-Street1

Поради остриот пад на цените на кинеските акции и тонењето на цената на нафтата на најниско ниво за последните 12 години, берзанските индекси на Волстрит силно паднаа и во четвртокот, па во новата година влегоа со најслаба изведба во историјата.

Dow Jones вчера потона за 392 поени, или 2,32 отсто, на 16.514 поени, додека S&P 500 се намали за 2,37 отсто, на 1.943 поени, а Nasdaq се спушти за 3,03 отсто, на 4.689 поени.

Падот на цените на сите 10 сектори од индексот S&P 500 е последица на стравувањето на инвеститорите дека состојбата во кинеската економија е полоша од што се мислеше.

Вчера кинеската централна банка го одреди курсот на јуанот кон доларот 0,5 отсто под нивото од претходниот ден и најниско од март 2011 година, што е најголема дневна девалвација на јуанот од август минатата година.

Ваквиот потег на централната банка предизвика стравување од нов бран девалвација на валутите во останатите држави во регионот со цел нивните производи да останат конкурентни во однос на кинеските, што предизвика паника на берзата во Шангај, каде тргувањето вчера беше автоматски прекинато, бидејќи цените на акциите паднаа за 7 отсто.

Покрај тоа, цената на нафтата на американскиот пазар потона на најниско ниво за 12 години, додека цената на бакарот се спушти на најниско ниво од 2009 година, поради што под притисок се најдоа и акциите во енергетскиот и рударскиот сектор.

„Инвеститорите гледаат слабост на Кина и на тамошните берзи, па заклучуваат дека тоа би можело лошо да влијае и врз американските корпорации“, вели Роберт Павлик, стратег во компанијата Boston Private Wealth.

Во првите четири работни дена од годината Dow Jones загуби 5,2 отсто, па ова е негов најслаб почеток на годината од 1928 година, од кога содржи 30 акции. Истовремено S&P 500 падна 4,9 за отсто.

„Кога берзата слабо ќе влезе во годината, инвеститорите стануваат сомичави. Економијата не се движи најдобро, изгледите се во најдобар случај скромни, па инвеститорите не сакаат долго да чекаат. А Кина придонесе за несигурноста“, додава Павлик.

Угледниот инвеститор Џорџ Сорос вчера на економски форум во Шри Ланка истакна дека постои сличност меѓу сегашната криза и финансиската криза во 2008 година. Рече дека глобалниот пазар е соочен со криза и дека берзите треба да бидат многу внимателни.

И на европските берзи цените на акциите вчера остро паднаа. Лондонски FTSE се спушти за 1,96 отсто, на 5.954 поени, додека франкфуртски DAX потона за 2,29 отсто, на 9.979 поени, а париски CAC се намали за 1,72 отсто, на 4.403 поени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП