28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнисмените умерени оптимисти, но 2016-та ќе биде неизвесна година

Бизнисмените умерени оптимисти, но 2016-та ќе биде неизвесна година

mnb

Неизвесна, ризична и полна со предизвици. Вака бизнисмените гледаат на 2016-та. Сепак, најголем дел од нив очекуваат растот и закрепнувањето да продолжат, но под услов да се надмине политичката криза и да се стабилизираат глобалните пазари.

Ставовите на сите три стопански комори можат збирно да се опишат како умерено оптимистички – потенцијалот за остварување на проекциите за раст од околу 4% постои, но дали ќе биде целосно искористен ќе зависи пред се од политичарите кои треба да ги надминат несогласувањата, од институциите кои треба да одговорат на барањата на бизнисот, но и од самите компании кои треба да ја подобрат својата кондиција.

ССК: нашите предлог-мерки ќе го поттикнат бизнисот

За Сојузот на стопански комори (ССК) клучно е прифаќањето на пакетот со 65 мерки што и го доставија на Владата лани. Чекаат одговор до крајот на месецов, а досегашното искуство покажало дека им се одговарало позитивно во 80% од предлозите.

„На бизнис заедницата секогаш и останува надежта дека ќе биде подобро. Не е добро да бидеме песимисти затоа што тоа ќе значи нереализирање на сите предвидени инвестиции за годината. Сето тоа значи остварување на пласманите кои ги имаме зацртано за 2016-та. Сето она што треба да го оствариме оди во позитивна насока доколку факторите се стабилизираат растот да биде поголем“, оценува Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори (ССК).

СКМ: мора да продолжи јавно – приватниот дијалог

Во Стопанската комора на Македонија (СКМ), пак, очекуваат да продолжи директниот дијалог со институциите кој треба да резултира со нови мерки кои  би го поттикнале бизнисот.

„Се надеваме дека во 2016-та ќе дојде до исплолнување на проекциите за раст на институциите, на домашните комапнии, но и на странските партнери… Од големо значење во 2016-та година ќе биде продолжувањето на јавно – приватниот дијалог. Бизнис заедницата да биде партнер на Владата и на институциите, да биде вклучена во донесувањето не само на законската туку и на подзаконската регулатива. Вклученоста на бизнис заедницата ќе донесе до промена на правците на делување во следниот период“, вели Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанска Комора (СКМ).

СКСЗМ: НБРМ да има поактивна улога

Најмали оптимисти се бизнисмените обединети во Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) кои сметаат дека Народната Банка (НБРМ) треба да има поактивна улога во 2016-та.

„Сигналите не се многу оптимистички за бизнис-заедницата и не очекуваме пораст поголем од 3 проценти. Годината ќе биде економски тешка поради внатрешните и надворешните проблеми, како што се бегалската криза, политичката криза, изборите и проблемот во врска со името… Бизнисот е цикличен, тоа се рефлектира и кај нас каде што соработката со светските компании и влијанието на НБРМ можат да потпомогнат да ја ублажат оваа криза“, вели Неби Хоџа, претседател на Стопанска комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ).

Проекциите за раст во 2016-та меѓу 3.5% и 4%

Проекцијата на НБРМ е дека во 2016-та Бруто домашниот производ (БДП) ќе се зголеми за 3.5%. Владата е поголем оптимист, го скрои буџетот со очекувања за раст од 4%. Светската Банка, пак, прогнозира зголемување на економијата на Македонија од 3.4%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП