
Почна изградба на нова детска градинка во дворот на основното училиште „Гоце Делчев“ во скопско Горно Лисиче.


Почна изградба на нова детска градинка во дворот на основното училиште „Гоце Делчев“ во скопско Горно Лисиче.
Новата детска градинка ќе има капацитет до 100 дечиња и ќе ги исполнува сите неопходни стандарди за ваков тип институции, овозможувајќи современи услови за згрижување и престој на деца од претшколска возраст.
Објектот ќе содржи две големи занимални, простор за прием, кујна, санитарни јазли и административен простор. Детската градинка ќе биде опремена со креветчиња, масички, столчиња, плакари, нагледни средства и играчки.
„Изградбата на нова детска градинка е реална потреба, со оглед на зголемениот број дечиња во нашата општина. Грижата за децата е континуирана“, изјави градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски.
Новиот објект, кој ќе биде енергетски ефикасен со еколошки прифатливи материјали за изградба, ќе се гради во соработка со Министерството за труд и социјална политика, кое учествува со половина од неопходните финансиски средства во висина од 13 милиони денари.
Се очекува новата градинка да биде изградена за шест месеци.