Република Македонија во периодот јануари-ноември 2015 година бележи значително намалување на трговскиот дефицит во однос на истиот период од претходната година, но осетно е намален и обемот на трговската размена.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари-ноември 2015 година, изнесува 1,68 милијарди долари, додека во истиот период лани дефицитот изнесувал 2,1 милијарди долари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Вкупниот обем на трговската размена во наведениот период изнесува 9,93 милијарди долари, додека во периодот јануари-ноември 2014 година достигнал 11,1 милијарди долари.
Вредност на извезените стоки од Македонија, во периодот јануари-ноември 2015 година, изнесува 4,12 милијарди долари, наспроти 4,54 милијарди долари колку што изнесувала лани.
Вкупната вредност на увозот 5,81 милијарди долари, а во претходната година изнесувала 6,65 милијарди долари.
Покриеноста на увозот со извоз бележи пораст на 70,9 отсто, додека во претходниот период изнесувала 68,3 отсто.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи).
Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), електричната енергија и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, се вели во соопштението на државниот завод за статистика.