Најнови вести од светот 02.04.2013
Подгорица – Во бирото за труд во Црна Гора моментално се пријавени 32.983 граѓани, а стапката на невработеност во таа држава изнесува 14,22 отсто, соопштено е од Заводот за вработување. Најголема стапка на невработеност во Црна Гора од 32,7 отсто забележана е во јули 2000 година, додека најниската од 10,1 отсто регистрирана е во август 2009 година. Од почетокот на годината Заводот евидентирал 2.042 нови вработени, а издадени се 4.230 работни дозволи на странци.
Сараево – Босна и Херцеговина околу 4 отсто од вкупниот стоковен дефицит го остварува на ставка на парфеми и тоалетни води, што е околу 1,2 отсто од БДП, додека на ставка за пијалоци и цигари има дефицит околу 5 отсто, што е околу 1,6 отсто од БДП. Голем дефицит БиХ бележи кај пластичните производи, над 500 КМ (255,5 милиони евра), парфеми и етерични масла, околу 300 милиони КМ (153,3 милиони евра), производи од кожа и крзно, над 200 милиони КМ и дрвна целулоза, хартија и картон, околу 125 милиони КМ. БиХ остварува само незначителен суфицит во смисла на вредноста на увозот и извозот на електрична енергија во 2012 година, со тоа дека вредноста на извозот паднала за околу 60 отсто, додека вредноста на увозот пораснала за околу 20 отсто во 2012 година, во однос на претходната година.
Загреб – Системот за фискализација на касите во Хрватска, т.е. испраќање на секоја сметка во даночната управа, чија примена почна на 1 јануари оваа година кај угостителите и средните и големи компании од вчера важи и за трговците и слободните занимања, лекари, ветеринари, адвокати, кои претходно се бунеа против тоа повикувајќи се на кршење на приватноста на клиентите. Новиот круг на фискализација ќе опфати околу 20.000 слободни занимања, занаетчии и трговци, а меѓу обврзниците се и приватни лекарски ординации. Тие што имаат договори со Хрватскиот Завод за јавно здравство имаат дефинирани услуги и начин на наплата. ХЗЗО покрива одредени услуги, а нестандардните услуги се наплатуваат по пропишани цени.
Загреб – По шпекулациите во медиумите дека германскиот производител за автомобили БМВ ќе гради фабрика во Хрватска, од Секторот за комуникации на германската компанија беше кажано дека за сега не е одлучено каде и дали воопшто ќе се гради нова фабрика во Источна Европа. Познатиот баварски производител на автомобили е еден од ретките кој не ја искористи поволноста за ширење на Европската унија на држави каде платите се помали од западна Европа, пренесе хрватскиот портал Бизнис.хр. Шпекулациите за можноста БМВ да гради погони во Хрватска почнаа минатата недела откако членот на управата на баварскиот гигант Иан Робертсон рече во Словачка дека во БМВ размислуваат за изградба на нова фабрика во источна Европа.
Подгорица – Ниту еден вработен во Црна Гора во следните месеци, почнувајќи од априлската плата, не може да прими плата помала од 193 евра. Не е познат прецизен податок колку работници во Црна Гора добиваат минимална плата, но се проценува дека тој број се движи од 3.000 до 5.000 работници, пренесува порталот Аналитика. Според пишувањето на подгоричкиот весник „Побједа“, промената на износост на минималната плата е едно од ретките работнички прашања околу кое за релативно кусо време се договорија социјалните партнери.
Анкара – Турската економија лани порасна помалку од очекувањата, т.е. за само 2,2 отсто, како последица од падот на деловната активност, покажуваат објавените официјални податоци. Во последните три месеци во 2012 година турската економија зајакна за само 1,4 отсто, со што продолжи трендот на послаб економски раст од првите три квартали. Турската влада прво прогнозираше целогодишен раст од 4 отсто, но нешто подоцна ја намали прогнозата на 3,2 отсто поради не толку поволната економска клима во светот.
Париз – Производните цени на индустриската стока во Франција пораснаа за 0,4 отсто во февруари тековната година, по јануарското зголемување од 0,7 отсто, објави францускиот Институт за статистички и економски студии ИНСЕЕ. На годишно ниво, зголемувањето на производните цени во индустријата изнесува 1,9 отсто. Институтот во соопштението наведува дека и во февруари, како и во претходниот месец, зголемувањето на овие цени биле пред се поради растот на цените на енергијата (+ 3,7 отсто за нафтените деривати и 1,7 отсто за електричната енергија), пренесе францускиот весник „Капитал“.
Никозија – Претседателот на Кипар Никос Анастасиадис вети дека никој, па дури ни неговото семејство нема да биде заштитен од истрагата во врска со избивањето на банкарската криза во таа земја. Претседателот со тоа одговори на тврдењата на кипарскиот печат дека членовите на семејствата на водечките политичари имале пристап до информации кои им помогнале да ги заштитат своите средства од ударот на банкарските депозити, на кој Никозија се согласи во замена за меѓународна финансиска помош. Анастасијадис наведува дека на комисијата која ќе почне со работа, ќе и биде посебно наредено никого да не исклучи од истрагата, дури ни членовите на неговото семејство.
Милано – Италијанскиот суд и нареди на модната куќа Долче и Габана да плати казна од 343 милиони евра, плус камата, бидејќи на даночните власти не пријавила приход од неколку милиони евра, пишуваат италијанските медиуми. Меѓународниот моден гигант планира да поднесе жалба на таа одлука, поради што плаќањето на казната ќе се суспендира. Модната куќа Долче и Габана, според зборовите на италијанската АДН Кронос агенција, го прекршила законот, имајќи предвид една единствена цел, а тоа е стекнување на финансиска корист.
Франкфурт – Фолксваген Групата до крајот на 2018 година ќе го зголеми бројот на вработените од 550.000 на 600.000 работници, како дел од стратегијата да стане најголем производител на автомобили во светот, изјави за германски весници претседателот на работничкиот совет Бернд Остерлох. – Фолксваген расте и затоа ќе продолжи да вработува нови работници во производството, образложи Остерлох во интревју за дневникот „Ханделсблат“. Германскиот производител лани испорача 9,1 милион возила и во следните пет години планира да ја симне Тојота од тронот и да стане водечки производител на автомобили во светот.
Андора, Москва – Кнежевството Андора во последните месеци стана место, кое го привлекува рускиот капитал. Банките на Андора, џуџеста држава во Пиринеите, на границата меѓу Шпанија и Франција, отворија многу сметки на име на Руси кои сакаат да ги преселат своите пари, пишува шпанскиот економски весник „Експансион“. Експертите веруваат дека Андора како даночен рај со тек на времето ќе го замени Кипар со преземање на богати Руси во нивните банки, бидејќи руските пари тука стигнуваат главно од кипарските банки, пренесе Дојче веле. Кнежевството Андора живее од странски туризам, ски центри и банки кои ги има пет. Земјата не е членка на Европската унија, но нема своја валута, туку го користи еврото.
Токио – Целта на основањето на Развојната банка на групацијата БРИКС е да ги надополнува, а не да се трка со западните институции на светско ниво, изјави индискиот министер за финансии Паланијапан Чидамбарам. Тој исто така укажа дека Индија го поддржува предлогот на Јапонија за именување на висок функционер во Министерството за финансии на функција директор на Азиската развојна банка. Основањето на Развојна банка во БРИКС се доживува како оспорување на правилата кои ги поставија постоечките институции како Светската банка, а нејзината цел е борба против европската економска криза и инвестирање во инфраструктурата, за која според прогнозите на земјите на БРИКС ќе бидат потребни 4,5 билиони долари во следните пет години.
Париз/Токио – Мултинационалниот провајдер за информатичка технологија, јапонската компанија НЕЦ Корпорејшен, разгледува продажба на своите филијали за мобилни телефони на кинеската фирма Леново, која е партнер на јапонскиот производител во секторот за микрокомпјутери. Се до сега од компанијата НЕЦ верувале дека мобилните телефони се многу значајни за целата група, меѓутоа по две години со загуби, одлучено е некои сегменти од своите активности да ги продаде со цел да ја подобри рентабилноста, пренесе францускиот весник Капитал. Од компанијата Леново се уште никој не ја коментирал оваа информација. Втора по големина во светот меѓу производителите на персонални компјутери, компанијата Леново последните години го забрза својот раст благодарение на паметните телефони, по нивниот солиден пласман на кинескиот пазар.
Мадрид – Продажбата на новите автомобили во Шпанија, падна во февруари за 13,9 отсто на годишно ниво со што е забележан уште еден поголем пад во однос на февруарските 9,8 отсто, соопшти Националната асоцијација на производители на автомобили. Според официјалните податоци во март се продадени 72.677 возила, додека во првото тримесечје во тековната година вкупно се продадени 180.724 автомобили што е за 11,5 отсто помалку од истиот период во 2012 година. Владините субвенции за купување на нови автомобили спречија уште поостар пад на продажбата, соопштено е од Националната асоцијација на производители на автомобили.
Каиро – Меѓународниот аеродром во Каиро ќе биде делумно затворен ноќе поради намалениот број на слетувања и за заштеда на електричната енергија во време на економска криза што го потресува Египет. Двете писти ќе бидат затворени четири часа во текот на ноќта, од 1:30 по локално време, со цел да се заштеди струја, рече министерот за цивилна авијација Ваел ал-Мадави. Само една писта на Терминалот 3 која служи како регионален јазол, ќе остане отворена 24 часа дневно, наведе министерот, додавајќи дека приходите од аеродромот не се доволни за да ги покријат трошоците кои се потребни за да бидат отворени сите писти постојано.