Зимата во Македонија ќе биде блага и просечно влажна, покажуваат прогностичките материјали кои УХМР ги презема од Европскиот Центар за Среднорочна Прогноза на Времето (ECMWF) во Рединг и Виртуелниот Центар за Климатски Промени за Југоисточна Европа (SEEVCCC).
Тримесечната прогноза на времето во Македонија покажува дека постои голема веројатност температурата за зимскиот период да биде повисока од просечната многугодишна вредност за периодиот 1981-2010 година. Поголема веројатност за повисоки вредности од просечната постои во североисточниот дел на земјата, но тоа надминување нема да биде повеќе од 3°C.
Што се однесува до врнежите во овој период, се предвидува количеството на врнежи да биде во границите на повеќегодишниот просек.
Просечната температура за зимата измерена во Македонија е во опсег од -1,5°C во Маврово до 5,0°C во Гевгелија, а врнежите од 90,0mm во Штип до 318,9mm во Лазарополе.
Изгледите за потопла и просечно влажна зима не ја исклучуваат веројатноста за појава на одредени периоди со постудено, суво односно влажно време со изразени отстапувања од вообичаените просечни вредности на температурата и врнежите.