27 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските пазари внимателни, цените на нафтата паднаа

Азиските пазари внимателни, цените на нафтата паднаа

pad berzi

На азиските берзи во средата се тргува претпазливо, и покрај вторничниот раст на цените на Волстрит, бидејќи инвеститорите ги загрижува повторниот пад на цените на нафтата.

Во утринското тргување на токиската берза индексот Nikkei беше во плус 0,5 отсто, додека цените на акциите во Сингапур и Австралија пораснаа меѓу 0,5 и 0,9 отсто. Меѓутоа, берзанските индекси во Јужна Кореја, Хонгконг и во Шангај паднаа меѓу 0,2 и 0,5 отсто, па MSCI индексот на азиско-пацифичките акции без јапонските беше во минус 0,1 отсто. Во однос на почетокот на годинава, овој индекс е во минус од околу 12 отсто.

На самиот почеток од тргувањето во средата MSCI индексот беше во благ плус, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од скокот на цените на акциите на Волстрит од вторникот, за повеќе од 1 отсто. Меѓутоа, ентузијазмот на вложувачите набрзо спласна, меѓу другото и поради повторниот пад на цените на нафтата.

Во вторникот цените на нафтата пораснаа за околу 3 отсто, благодарејќи на најавите за заладувањето на времето во Европа и во Северна Америка дека ќе се зголеми побарувачката на горивата. Меѓутоа, во средата утрото цената на барелот на американскиот пазар потона за 1,8 отсто, на 37,20 долари, додека на лондонскиот пазар барелот поевтини за 1,2 отсто, на 37.30 долари, па цената на нафтата повторно се движи кон најниските нивоа во последните 11 години.

И на валутните пазари владее претпазливост, па курсевите на најзначајните валути не осцилираат позначајно. Притоа американскиот долар благо зајакна. Неговиот индекс, кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на шесте најважни светски валути од земјите најголеми трговски партнери на САД, порасна за 0,1 отсто, на 98,20 поени. Од почетокот на годинава е во добивка од 8,98 отсто, благодарејќи најмногу на првото зголемување на каматите од американската централна банка од 2006 година.

Курсот на доларот кон јапонската валута во средата претпладнето достигна 120,45 јени, додека во вторникот изнесува 120,35 јени. Цената на еврото се лизна, пак, од вчерашните 1,0970 на 1,0930 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП