21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАВолстрит под притисок на падот на цените на нафтата

Волстрит под притисок на падот на цените на нафтата

volstrit4874

На Волстрит во понеделникот цените на акциите паднаа, најмногу во енергетскиот сектор, поради падот на цените на нафтата, па S&P 500 индексот повторно е во минус во однос на почетокот од годината.

Индексот Dow Jones ослабе за 0,14 отсто, на 17.528 поени, индексот S&P 500 се лизна за 0,22 проценти, на 2.056 поени, додека индексот Nasdaq за 0,15 отсто, на 5.040 индексни поени.

На вредноста во понеделникот загубија шест од десетте сектори на S&P 500 индексот, а најмногу, за 1,8 отсто, паднаа цените на акциите во енергетскиот сектор, како последица од падот на цените на нафтата.

Откако минатиот понеделник цените на барелот сирова нафта на лондонскиот пазар потонаа на најниското ниво во последните 11 години, кон крајот на минатата седмица цените на нафтата закрепнаа. Пазарите неодамна добро го поднесоа првото зголемување на каматите на американската централна банка од 2006 година, но сега е под притисокот од падот на цените на нафтата.

Меѓутоа, во понеделникот повторно паднаа, и тоа за 3 отсто, бидејќи најголемите произведувачи го држат производството на нафта на речиси рекордни нивоа, додека побарувачката слабее поради забавувањето на растот на глобалната економија, во прв ред на кинеската, инаку најголемиот светски потрошувач на сировини.

Индексите S&P 500 и Nasdaq се најдоа под притисок и поради падот на цените на акциите на Apple за повеќе од 1 отсто. Во изминатиот месец цената на акциите на овој технолошки гигант потона за 9 отсто, бидејќи вложувачите стравуваат дека во 2016 година, по првпат ќе падне продажба на iPhone.

По понеделничкиот пад, S&P 500 индексот повторно е во благ минус во односот на почетокот на година, додека индексот Dow Jones е во загуба од речиси 2 отсто.

Обемот на тргувањето повторно беше слаб, што е вообичаено за празничниот период. На американските берзи сопствениците ги заменија околу 4,9 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во последните 20 денови изнесуваше 7,4 милијарди акции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП