24 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОгревно дрво по иста цена, но по друг систем на набавка

Огревно дрво по иста цена, но по друг систем на набавка

1-drva-640x426-600x399

Нов начин за продажба на огревно и техничко дрво, воведува ЈП „Македонски шуми“ за 2016 година, а од денеска започнува јавниот повик до сите физички и правни лица кои ќе набавуваат дрво, со цел да се скратат роковите за доставување на дрва и прецизно да се утврдат количините на дрво кое што треба да се испорача до крајните потрошувачи.

Како што рече директорот на ЈП „Македонски шуми“ Жарко Караџоски, претходните години се случувало да се чека за огревно дрво во зависност од начинот на плаќање, па поради тоа за 2016 година се воведува нов транспарентен начин за набавка на дрва.

Цената на буковото и дабовото дрво и во 2016 година остануваат исти, па така за буково огревно дрво ќе се плаќа по 2.370 денари по метар квадратен и дабово дрво за 2.450 денари по метар квадратен.

Караџоски информираше дека пензионерите и инвалидите ќе можат да аплицираат за дрво најдоцна до 15.03.2016 година во подружниците на ЈП и огревното дрво ќе можат да го плаќаат на 8 рати.

„Барањата за огревно дрво физичките лица од социјално ранливи категории, социјални случаи, лицата со попреченост во развојот, деца без родители, самохрани родители, стечајни работници, семејства на бранителите , членови на семејствата на вработени кои загинале при работа ќе можат да поднесуваат најдоцна до 15 март 2016 година со тоа што ќе треба да достават потврда за докажување на статусот и плаќање на 8 рати“, истакна Караџоски.

Додаде дека сите други физички лица ќе можат да аплицираат за огревно дрво до 15.03.2016 со тоа што огревното дрво ќе можат да го купат на пет рати или со готовинска уплата.

Техничкото дрво правните лица ќе можат да го купуваат на два начини и тоа по основ на рамковен договор и годишен договор. Правните лица кои имаат склучено рамковен договор ќе треба барањата да ги поднесат најдоцна до 15.02.2016 додека правните кои немаат склучено рамковен договор ќе треба да аплицираат до крајот на февруари 2016 година.

Здруженијата, синдикатите и субјекти кои огревното дрво го користат во процесот на производство и за затоплување за огревно дрво ќе можат да аплицираат најдоцна до 15 февруари 2016 година. По истекот на овој рок нема да се примаат нови барања.

За правните субјекти кои се регистрирани за промет на дрво и дрвни сортименти плаќањето е авансно, а крајниот рок за поднесување апликација е 31 март 2016 година. Во прилог на апликацијата треба да достават и изјава заверена на нотар дека максималната цена на продажба нема да биде повисока од 2.900 денари за просторен метар бука и 3.000 денари за даб. Покрај тоа, треба да достават и писмена изјава заверена на нотар со која се согласуваат ЈП „Македонски шуми“ да им задржи 10 отсто од вкупно уплатената сума и да го раскине договорот доколку не ја почитуваат максималната цена на продажба.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП