13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРојтерс предвидува уште полоша 2016-та

Ројтерс предвидува уште полоша 2016-та

blog_euro_breakup

Годината што завршува, според сите параметри, за Европската Унија беше „како од пеколот“, но следната би можела да биде уште полоша доколку Британците гласаат за излегување од Унијата, се наведува во анализата на агенцијата Ројтерс.

Геополитичките темели на Стариот континент не биле вака разнишани уште од падот на Берлинскиот ѕид и општиот крах на комунизмот низ источна Европа во 1989 година, наведува британската агенција и додава дека за разлика од 20-тиот век, кога потресите беа во корист на Европската Унија и ја зајакнаа, кризите од 2015 се закануваат да го направат токму спротивното – да ја разурнат Унијата и да ја остават со модринки, потиштена и преполна со нови бариери.

Падот на железната завеса во рок од две години доведе до создавање на единствена европска валута, а по 15 години и до ширење на Унијата на исток и на НАТО се до границите на Русија, Украина и Белорусија. Со тоа на некој начин се потврдија предвидувањата на Жан Моне, првиот претседател на Европската заедница за јаглен и челик, кој кажа дека обединета Европа ќе се роди од кризи.

Поради годинешните „политички и економски шокови“ предизвикани од напливот на бегалци, грчкиот долг, насилствата на исламистите и руските воени акции, се вратија граничните контроли на многу места, дојде до јакнење на десничарските и антиевропски политички сили.

Жан Клод Јункер, претседателот на Европската комисија, предупреди дека шенгенската зона е загрозена и дека еврото најверојатно нема да преживее доколку се затворат внатрешните граници.

Раздорот во ЕУ се отсликува и во пркосот кон Ангела Меркел, некрунисаната кралица на Унијата. Меркел не наиде на голема поддршка од своите ЕУ партнери околу прашањето на поделбата на товарот со бегалците, а повеќето инсистираа дека приоритет е да се затворат надворешните европски граници, наместо да се прифатат бегалците.

Еден од проблемите кои најверојатно ќе се влошат во следната година е тоа што главните европски лидери се слаби и толку зафатени со проблемите во своите земји што не се во состојба да ја иницираат неопходната колективна акција, смета Ројтерс.

Британија се повеќе тежнее кон излегување од ЕУ, која очигледно не сака да ги исполни условите на Лондон кој сака да има повластен статус во однос на останатите членки. Доколку втората најголема економска и воена сила на Европа го напушти бродот на ЕУ, тоа би бил силен и болен удар, кој би одекнал во светски рамки.

„Брегзитот“ би можел да покрене лавина од барања за одржување референдуми и во другите земји – од Полска до Данска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП