,,Новинар, уредник, творец, пријател, мајка, а сега и автор на книга,, – така беше најавена Билјана Василева Трендафилова на вчерашната промоција на нејзината книга со наслов: Менаџирање и развој на човечките ресурси во медиумите. Промоцијата се одржа вчера, 21.12.2015 во ЕУ инфо центарот, а книгата е издадена од Издавачкиот центар ТРИ.
Имено, отскокнувајќи со својата постојаност, прецизност и аналитичност, Трендафилова изгради завидна новинарска кариера токму во време на предизвици кои како што беше истакнато на промоцијата на книгата од страна на рецезентот проф. д-р. Јован Пејковски – ,,го ставија новинарството пред изразено одговорна улога на силен чинител на економските и политичките апсекти во општеството,,.
Билјана Трендафилова има создадено илјадници дебатни економски и политички емисии, вести и теми кои ја чинат нашата слика и разбирање на општата реалност. Умее на едноставен начин да ја пренесе на пошироката јавност и најкомплицираната анализа, при тоа градејќи чувство на непосредност со соговорникот и со публиката истовремено. Нејзината суптилност но и продорност во темите кои ги обработува ја градат нејзината специфика како новинар, но и како човек, – истакна во своето обраќање проф. Каракамишева во улога на промотор на делотот на Трендафилова.
,,Оваа книга е логичен исчекор напред, компилација од мојот академски и професионален стремеж да создавам, анализирам и истражувам. Сметам дека оддржливиот развој на медиумите треба да е заснован на соодветниот менаџмент на човечки ресурси и преку оваа книга го праќам токму тој апел,, – објасни Трендафилова во своето обраќање во кое даде и ветување дека ова е прво дело во низата на книга кои следат.
Промоцијата ја проследија претставници од медиумите, бизнис и академската сфера како и владин и невладин сектор.
Со ова дело Трендафилова го редефинира поимот истражувач и неминовно создава конструктивен притисок кон својата професија со што ги поместува стереотипните и традиционалните разбирања за професијата новинар.