6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРасте интересот за Еразмус плус програмата – одобрени 86 проекти

Расте интересот за Еразмус плус програмата – одобрени 86 проекти

erasmus 33

Презентација на програмата Еразмус плус беше централна тема на Валоризациона конференција што се одржува денес во Скопје во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Во рамките на конференцијата беа презентирани и досегашните успешно спроведени проекти.

На конференцијата присуствуваа директори, професори и наставници на основни и средни училишта, универзитетски професори, студенти, претставници на компании и невладини организации и претставници на Министерството за труд и социјална политика.

Пред присутните се обратија директорот на Агенцијата за европски образовни програми и мобилност Дарко Димитров и заменик министерот за образование и наука Спиро Ристески.

„Република Македонија е полноправна членка во европската програма „Еразмус плус“, што беше направено со исклучително добрата соработка со Европската комисија, која на Националната агенција ѝ оддаде признание за успешноста во работата и затоа дозволи Република Македонија да стане полноправна членка. И буџетите од година во година постојано се зголемуваат што претставува уште еден показател дека Националната агенција за европски образовни програми и мобилност работи успешно и транспарентно. Овој месец имавме супервизорска посета од Европската комисија и бевме оценети исклучително позитивно за имплементацијата на проектите од 2013-та до 2015-та година“, рече Димитров.

Националната агенција за европско образование и мобилност годинава обезбеди 4,7 милиони евра за стипендии. Интересот кај сите категории опфатени со програмата Еразмус плус е голем, а од пристигнатите 316 апликации, досега одобрени се 86 проекти. Досега се искористени 4.2 милиони евра.

„За разлика од минатото кога постоеја извесни шпекулации, се зголеми целокупниот процес на транспарентност во начинот на распределба на овие средства. Нивното искористувањето од универзитетите, основните и средните училишта, а годинава првпат и од една градинка, за нив претставува директно поврзување со нивните колеги и размена на искуства и кадар. Преку корисниците на овие средства, Република Македонија станува целосен партнер, не само во програмата, туку партнер во системот на образование на европско ниво“, истакна Спиро Ристоски, заменик министер за образование и наука.

Програмата „Еразмус плус“ на заинтересираните им нуди да партиципираат во друга програмска држава за учење, работа, предавања, воедно да обучуваат или развиваат професионални вештини и компетенции, но и да развиваат билатерални и мултилатерални партнерства, зависно од секторот. Програмата претставува комбинација од 7 европски образовни програми, програми за обука и млади и за прв пат во својата структура го додава спортот. Целта на „Еразмус Плус 2014-2020“ програмата е зајакнување на вештините и можностите за вработување, модернизација на образованието, обуката и младинската работа, како и обезбедување на можности за над 4 милиони Европејци да учат, да стекнат работно искуство и да волонтираат во странство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП