9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРенци ја критикувал Германија на самитот на ЕУ

Ренци ја критикувал Германија на самитот на ЕУ

renci merkel

Италијанскиот премиер Матео Ренци отворено во петокот на самитот на Европската унија во Брисел ги критикувал германските политики во однос на банкарството, енергетиката, миграциите и Грција.

„Прикажувањето на Германија како спасител на европската економија не е нешто со што сите се согласуваат“, изјавил италијанскиот премиер Матео Ренци, пренесе Reuters.

Ренци притоа изразил загриженост поради продажбата на 14 грчки регионални аеродроми на германскиот оператор „Fraport“, што е првата голема приватизација во која тргна владата на грчкиот премиер.

Под притисокот на италијанската влада поради спасувањето на четирите мали банки, при што илјадници италијански мали инвеститори останаа без банкарските влогови, Ренци исто така го критикувал и германскиот финансиски систем.

„Здравјето на италијанските банки денеска е подобро отколку здравјето на германските банки, не само затоа што ‘Intesa San Paolo’, најголемата банка во Италија, има двојно поголема капитализација од ’Deutsche Bank’, најголемата германска банка, туку и поради германските регионални банки, кои не се под надзорот на Европската централна банка (ECB), поради што, да бев Германец ќе бев многу загрижен“, истакнал италијанскиот премиер.

Инаку пазарната капитализација на „Intesa San Paolo“ изнесува 52,2 милијарди евра, и е за 1,7 пати поголема од на „Deutsche Bank“.

Критиките на Ренци се поврзани со планираното воведување нов европски систем за осигурување на штедните депозити, на што Германија се спротиставува бидејќи премногу би ги чинело нејзините банки.

Германската канцеларка Ангела Меркел на самитот во Брисел го блокираше усвојувањето на заедничката изјава дека за тоа прашање брзо ќе се постигне напредок. „Нормално е одвреме навреме да има различни мислења, ова не е првпат“, рече Меркел.

Кога станува збор за миграциите, Рим е предмет на критики поради тоа што не ги регистрирал сите имигранти кои пристигнале од северна Африка, пропуштајќи ги натаму во Европската унија.

„ЕУ е таа којашто не ги почитува правилата, а не Италија“, возвратил Ренци. Истакнал дека Италија сега зема отпечатоци од прсти на повеќето имигранти, додека европскиот план да ѝ се помогне на неговата земја и да се префрлат азилантите во Германија и во другите европски земји во кои сакаат да заминат засега се покажа неуспешен.

Ренци, исто така, ги нападнал и плановите на Берлин за удвојување на капацитетите на рускиот гасовод Северен ток – 2, со што уште повеќе руски гас би се довезувал директно во Германија.

„Остана непријатното чувство, бидејќи минатата година беше блокиран „Јужен тек“ (во кој беше вклучена во Италија), а сега се појави планот да ги удвојат капацитетите за „Северен ток“, без никаква расправа. Затоа барав дискусија“, рекол Ренци.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП