19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРазубавувањето на дуќаните во чаршијата ќе го поттикне развојот на економијата

Разубавувањето на дуќаните во чаршијата ќе го поттикне развојот на економијата

zanaeti 3595

Договор за реализација на Проектот за уредување на излозите и натписите на дуќаните во Старата скопска чаршија, со кој ќе почнат активностите за реализација на проектот за Уредување на излозите во чаршијата, денеска потпишаа, министерот за економија Беким Незири и претседателот на здружението „Еснаф“ Бејтула Морина.

Ова е проект кој Министерството за економија го предвиде во  Програмата за развој на туризмот за  2015 година, а чија цел е враќање на автентичноста и зачувување на културните вредности кои ги има Старата скопска чаршија, за кој дуќанџиите од Блокот 3.2. преку здружението „Еснаф“ на Старата скопска чаршија, ќе можат да аплицираат на веќе објавениот повик.

„Ќе ја направи чаршијата поатрактивна за туристите“, рече Незири додавајќи дека функциите се минливи, но делата и реализираните проекти остануваат. Министерот Незири истакна дека со овој проект ќе се продолжи и во наредната 2016 година, сè со цел да се опфатат сите дуќани во Старата скопска чаршија, односно сите дуќанџии да добијат можност да го вратат автентичниот изглед на своите дуќани, а со тоа и сјајот на чаршијата.

Тој потсети дека Министерството за економија ангажираше проектантска куќа, која изготви техничка документација за конзервација, санација и адаптација на 60 дуќани во Блок 3.2 во Старата скопска чаршија. За секој дуќан е подготвен посебен проект во три фази, и тоа: претходен изглед на дуќанот, фактичка состојба и планиран изглед по интервенцијата за уредување на излогот. Притоа, не е само излогот опфатен во овој проект, туку за секој дуќан ќе се уредува и тендата, називот, односно натписот на дуќанот, околното зеленило, а за оние дуќани кои некогаш имале ќепенци, ќе се разгледа можноста тие повторно да се постават. Притоа, секоја интервенција ќе се координира со самите дуќанџии, по претходно добиена согласност од Министерството за култура и Конзерваторскиот центар.

Претседателот Морина нагласи дека ова е првпат занаетчиите да добијат конкретна помош, како и дека проектот ќе се реализира во целосна координација со еснафот. Со потпишување на изјави за овластување на „Еснаф“, ова здружение си превзема обврска да ги застапува интересите за секој дуќан во овој блок, да ги спроведува сите постапки за реализација на проектот, согласно веќе утврдената динамика и да преземе одговорност за уредување на сите дуќани според техничката документација и изработените проекти. Средствата за реализација на проектот ќе бидат префрлани во неколку фази, согласно реализацијата на истиот, а надзорот над изведбата на проектот ќе го врши посебна Комисија, составена од претставници од Министерството за економија, Министерството за култура, Конзерваторскиот центар, Град Скопје и Општина Чаир.

Истовремено, 20 занаетчии од Старата скопска чаршија денеска добија по 2 илјади евра неповратна помош за подобрување на имиџот на нивните дуќани. Овие грантови се дел од ИПА проектот за прекугранична соработка меѓу Македонија и Косово, што го реализираат општините Чаир и Гњилане.
Претставникот на Европската комисија во земјава Мартин Клаук подвлече дека занаетчиството во Македонија е традиција, но современото живеење кое значително ги смени навиките на потрошувачите, речиси го доведе до работ на егзистенција. „Овој сектор може многу да придонесе за решавање на проблемот со невработеноста“, посочи Клаук.

Според градоначалникот на општина Чаир Изет Меџити, реновирањето на дуќаните нема да значи само подобрување на нивниот надворешен изглед. Тие ќе бидат и енергетски ефикасни, согласно светските трендови и стандарди.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП