Кливленд, Хјустон и Шарлот забележаа победи во натпреварите во НБА лигата кои се одиграа во ноќта помеѓу четвртокот и петокот.
Кливленд, во најпривлечниот меч славеше над Оклахома 104:100. Леброн Џејмс беше на чекор до ’трипл дабл’ (33 поени, 11 скокови, 9 асистенции), а уште петмина негови соиграчи постигнаа двоцифрен број на поени. Тристан Томпсон имаше учинок од 15 поени и 14 скокови, а Ричард Џеферсон уфрли 14 поени.
Кај Оклахома тројца играчи постигнаа 20 и повеќе поени, но тоа не им беше доволно да ја забележат 18-та победа во сезоната. Расел Вестбрук мечот го заврши со 27 поени и 10 асистенции, Кевин Дурент постигна 25 поени, а Серж Ибака заврши со 23 поени и девет скокови.
Хјустон гостуваше кај ЛА Лејкерс и оствари убедлива победа (107:87). Вообичаено Хјустон го предводеше Џејмс Харден со 26 поени, Двајт Хауард оствари ’дабл дабл’ од 16 поени и 15 скокови, а 16 поени постигна и Теренс Џонс.
Коби Брајант со 22 поени (шут 9/16) беше најефикасниот играч на ’езерџиите’.
Шарлот, предводен од Џереми Лин кој постигна 35 поени, го совлада Торонто со 109:99. Одличен учинок кај победникот имаше и Кемба Вокер (27 поени, 7 скокови, 6 асистенции).