Цените на акциите на европските берзи силно пораснаа во четвртокот, остварувајќи поголеми добивки трет ден по ред, бидејќи со зголемувањето на каматите на Фед инвеститорите заклучија дека централната банка е уверена во продолжено закрепнување на американската економија.
FTSEurofirst индексот на 300 водечки европски акции околу пладне беше во плус 2,2 отсто, на 1.447 поени, откако вчера зајакна за 0,3 отсто.
Лондонски FTSE истовремено порасна 1,5 отсто, на 6.150 поени, франкфуртски DAX за 3,08 отсто, на 10.791 поен, а париски CAC за 2,6 отсто, на 4.744 поени.
На европските берзи цените на акциите растат, како и на азиските берзи и вчера на Волстрит, бидејќи инвеститорите од зголемувањето на каматите во САД прв пат од 2006 година, заклучија дека Фед е уверен во продолжување на растот на економијата.
Американската централна банка во средата ги зголеми клучните каматна стапка прв пат за речиси 10 години, за 0,25 отстотни поени, на 0,25 до 0,50 отсто, порачувајќи дека американската економија ќе продолжи стабилно да расте и во наредната година.
Прогнозите на Фед останаа речиси исти како и порано, при што во наредната година се очекува раст на економијата за 2,4 отсто, додека стапката на невработеност би можела да падне на 4,7 отсто.
„Со раст на каматните стапки во САД поради силниот економски раст, инвеститорите ги орасположи и тоа што ваквата одлука на Фед го формализира мислењето дека американската економија стабилно расте“, рече Лорне Баринг извршна директорна во B Capital Wealth Management.
Цикличните сектори, како автомобилскиот, банкарскиот и осигурителниот пораснаа од 2,4 до 3,1 отсто, и беа меѓу најголемите добитници. Но, цените на рударските компании во просек пораснаа само 1 отсто, бидејќи цените на металите како бакарот, алуминиумот и никелот остро паднаа поради силниот долар при подигнување на каматните стапки во САД.
„Со оглед дека сега Фед не е проблем, до Божиќ можеме да очекуваме традиционален успон на цените на акциите. Почетокот на наредната година, меѓутоа, ќе биде нестабилен бидејќи ќе се шпекулира кога Фед повторно ќе ја зголеми цената на парите“, вели Филип Гијселс, директор во компанијата BNP Paribas Fortis.