15 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата ќе субвенционира купување куќа за млади

Владата ќе субвенционира купување куќа за млади

kupi kuka 30030

Драматично подобрување на условите за купување куќи, најави во четврток, премиерот Никола Груевски, со тоа што Владата ќе им плати учество до 12.500 евра за купување куќа на млади до 35 години, или пак, ќе им плаќа до 80 отсто од месечната рата, во следните осум години.

Како што најави Груевски, проектот „Купи куќа, купи стан“, се надополнува со проектот „Купи куќа за млади“, од кој бенефит може да имаат млади до 35 години, без разлика дали се во брак или не.

Имено, преку два модели, Владата ќе субвенционира купување, доградба или надградба на куќа на млади лица до 35 години.

Во првиот модел, Владата ќе субвенционира рата од кредит земен за купување куќа, во висина од  80 отсто, во следните 8 години, а потоа во следните три години, субвенцијата ќе изнесува 50 отсто од ратата.

Така пресмета премиерот, за месечна рата од 200 евра месечно Владата ќе плаќа 160 евра, а корисникот 40 евра, во времетрање од осум години, а потоа до 11 години, значи во следните три, 100 евра ќе плаќа Владата, а 100 евра корисникот. Оваа мерка се однесува за кредити до 50.000 евра, земени на рок до 20 години.

„Корисникот може да подигне и повисок кредит, но субвенцијата ќе се однесува до сума од 50.000 евра“, појасни Груевски. „На овој начин, за кредит од 50.000 евра Владата  ќе субвенционира до 33.000 евра. За  кредит од 40.000 евра, субвенцијата ќе изнесува до 28.000 евра, а за кредит од 30.000 евра, субвенцијата е до 20.000 евра, или две третини“.

Каматните стапки остануваат како и до сега, 3,33 отсто во првите три години, 4,44 во следните три, а потоа одредува банката.

Втора можност е исплаќање на субвенција во висина од 100 отсто плаќање на учеството, а кредитот сам ќе си го исплаќа корисникот, затоа што премиерот смета дека некои имаат да платат за едното, на пример, учество, или рати, но немаат за другиот дел.

Во оваа втора мерка, субвенцијата би изнесувала до 12.500 евра, кои Владата веднаш ги исплаќа, а каматата е 4,5 отсто, фиксна.

Така, за кредит од 50.000 евра, Владата еднаш исплаќа 12.500 евра, за кредит од 40.000 евра – 10.000 евра, за кредит од 30.000, Владата ќе исплати 7.500 евра. Сите средства се неповратни.

Аплицирањето за овие субвенции се под исти услови како за проектот „Купи-куќа, купи-стан“. Ако се работи за брачни другари најмалку еден треба да е на возраст до 35 години, а примањата да не надминуваат 900 евра.

Мерките се однесуваат за купување на новоизградени, невселени куќи или пак, изградба на сопствено земјиште или наградба или доградба на куќа.

„На овој начин го потпомагаме градежниот сектор, и оние фирми кои произведуваат материјали за изградба, како цигли, цемент, песок и друго, но и фирмите кои изработуваат прозорци, врати и слично, како и оние кои се занимаваат со производство на мебел“, рече премиерот.

Груевски, рече дека водени од студија се покажало дека куќата како живеалиште овозможува подобри услови за проширување на семејството.

На општините кои во ДУП-от ќе предвидат земјишта за изградба на најмалку 100 куќи, што би биле  нови населби, Владата ќе им плати дел од комуналиите.

Премиерот смета дека со овој проект се решаваат два проблеми, најпрво се решава проблемот со живеалишта на младите, а второ се поттикнува наталитетот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП