Бизнис климата во Германија неочекувано се влоши во декември поради тоа што компаниите се загрижени од ризиците кои се пред најголемата европска економија, соопшти „Bloomberg“.
Индексот за бизнис довербата на минхенскиот Институт за економски истражувања „Ifo“ се намали од 109 поени во ноември до 108,7 поени во декември. Просечната прогноза на економистите анкетирани од „Bloomberg“, беше дека индексот ќе остане без промена.
Подиндексите за одделните сектори покажаа подобрување на ставовите во производството, но значителен пад се забележува кај трговците на големо, помало е намалувањето во сферата на градежништвото.
И покрај целокупниот влошен став за бизнис климата во декември, сепак има уште оптимизам, што се однесува до изгледите во иднина.
„Bloomberg“ потсетува дека централната банка ја задржи прогнозата за 1,8% економски раст во 2016-та година. „Бундесбанк“ ја аргументира одлуката со „животната“ домашна потрошувачка, иако производствениот сектор е предмет на негативни последици од несигурноста во пазарите во развој.
„Економијата би требало да продолжи со сегашниот позитивен, иако не особено силен, пат на раст во следната година, а најголемите ризици произлегуваат од ниските цени на нафтата и политичката реакција на зголемениот имигрантски поток“, коментира Карстен Бжески, главен економист во „ING –DiBa“ во Франкфурт.