Општината Демир Хисар располага со огромни потенцијали коишто ја прават атрактивна за бизнис инвестиции и во тој правец се и напорите на локалната власт да го интензивира екононскиот развој на регионот ,да привлече што повеќе свежи домашни и странски инвестиции, коишто пак од друга страна ќе ангажираат дел од лицата што се евидентирани како невработени.
Ова е дел од ставовите на учесниците на мобилниот парламент што се одржа во Демир Хисар на тема „Руралниот развој во Општина Демир Хисар – состојби и предизвици“, а во организација на невладината асоцијација „Мост“.
Градоначалникт Љупчо Блажевски говореше за потенцијалите на општината за развој на руралниот туризам како нераскинлив сегмент во функција на позабрзан рурален развој.
„Туризмот за една општина, па и едно населено место, носи големи развојни претпоставки и бенефит за заедницата и граѓаните. Може да се рече, дека туризмот е една од ретките дејности во коишто е можно, и без поголеми вложувања , да се профитира“, рече покрај другото градоначалникот Блажевски.
Во своето излагање, говорејќи за извесните недоследности во конципирањето на Предлог националната стратегија за развој на руралниот туризам, каде што Демир Хисар воопшто не се спомнува како потенцијално туристичко место и покрај огромните предност пред посочените и потенцијални 15 туристички дестинации, градоначалникот Блажевски рече дека е недозволиво и недопустливо, еден реномиран експертски тим ангажиран во тој проект, да не знаел, на пример каде е Смилево, кој бил Даме Груев, каде извира Црна Река, каде се прочуените вировски валавици, каде е роден и каде се наоѓа гробот на Петре М. Андреевски, или дека Демир Хисар, по Охрид, има најмногу цркви и манастири од коишто, дури седум се прогласени за национално културно наследство.
„Целта на Мобилниот парламент е на граѓаните да им се даде можност, преку свои предлози и мислења да дадат свој придонес и да учествуваат во носењето одлуки на национално и на локално ниво“, изјави Драган Антоновски од невладината „Мост“.