8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОценувањето на администрацијата е пилот-проект без казни

Оценувањето на администрацијата е пилот-проект без казни

admini 333

По обвинувањето од дополнителниот заменик министер Александар Кирацовски дека од администрација дури и ќе се бркаат луѓе според оценките кои ги добиле за работата и барање да се стави во мирување системот на оценување, од Министерството за информатичко општество и јавна администрација известуваат дека проектот е пилот, и дека нема да се изрекуваат мерки.

„Тој наводно бара оценувањето на административните службеници за 2015 година да не важи, а како дополнителен заменик би требало да знае дека со оглед на фактот што циклусот на „oценување” за 2015-та требаше да почне во декември 2014-та, период во кој Законот за административни службеници сè уште не беше влезен во примена, “oценувањето” за 2015 година само се пилотира, односно нема да се изрекуваат мерки за одличен и слаб учинок“, велат од Министерството.

Од таму соопштуваат дека во целост стојат зад новите законски решенија, кои се изготвени врз основа на современите европски искуства од јавниот и од приватниот сектор, а кои се однесуваат на управувањето со човечките ресурси. Во однос на системот на оценување уреден со новиот закон, повторно би сакале да истакнеме дека се работи за т.н. систем на оценување 360 степени, односно систем во кој, секој кој е вклучен во процесот на оценување од различна перспектива го оценува вработениот. Шефот го оценува за тоа како ги врши задачите, роковите, динамиката, квалитетот на сработеното, стручноста, грешките ако ги има. Колегите го оценуваат по Рамката на компетенции. Тоа е нешто што за прв пат го воведовме во администрацијата, по примерот на Британската администрација. Тимот кој го имплементираше воведувањето на ова решение, го водеше директорката за човечки ресурси на британското Министерство за надворешни работи.

„Со оглед на фактот дека се работи за значајна новина во правниот систем на Република Македонија, а за да нема никакви дилеми, сомнежи и приговори кои се однесуваат на процедурите кои би можеле да го компромитираат самиот систем во кој е вложено многу труд, знаење и искуство, по добивањето на резултатите од пилот оценувањето, предвидено е Министерството да изврши анализа, од која доколку е потребно би произлегле подобрувања на законските решенија“, соопштија од таму.

Целта на сите новини од законот е да се воспостави систем во администрацијата целосно ослободен од било каква субјективност и влијание, во кој ќе се цени работата и стручноста на службениците, ќе се обезбеди целосна заштита на администрацијата, но истовремено ќе биде гарант дека администрацијата претставува сервис на граѓаните, соопштија од Министерството.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП