Цените на акциите на Волстрит пораснаа во вторникот втор ден по ред, најмногу во енергетскиот сектор, што се должи на растот на цената на нафтата, како и во финансискиот сектор со оглед дека се очекува прво зголемување на каматните стапки од 2006-та година.
Dow Jones зајакна за 156 поени, или 0,90 отсто, на 17.524 поени, додека S&P 500 скокна 1,06 отсто, на 2.043 поени, а Nasdaq се зголеми 0,87 отсто, на 4.995 поени.
Откако падна на најниско ниво за седум години, во последните два дека цената на нафтата е во пораст. Само во текот на вчерашниот ден зајакна за два отсто.
Благодарение на тоа, S&P индексот на енергетскиот сектор вчера беше најголем добитник, со скок од 2,9 отсто, при што акцијата на Exxon поскапе за над 4, а на Chevron за 3,8 отсто.
Силно за 2,4 отсто, скокна и индексот на финансискиот сектор, со оглед дека му одговара амбиент со повисоки каматни стапки. Цените на акциите на Goldman Sachs, JPMorgan, Morgan Stanley, Citigroup и Bank of America скокнаа за над два отсто.
„Се чини дека инвеститорите се подготвени за зголемување на каматите од рекордно ниско ниво“, вели Марк Лушини, стратег во компанијата Janney Montgomerry Scott.
Со години клучните камати на Фед се движат на рекордно ниско ниво од околу нула отсто, а денеска се очекува челниците на американската централна банка да ги зголемат каматите по прв пат од 2006-та година. Но, со оглед на тоа што Фед подолго време го најавува овој потег, берзата е подготвена.
Прашање е само со какво темпо централната банка ќе продолжи да ја нормализира монетарната политика, откако со години водеше исклучително лабава политика.