23 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕК со претпристапна помош од една милијарда евра за западен Балкан

ЕК со претпристапна помош од една милијарда евра за западен Балкан

ekevropskakomisija298

Европската комисија (ЕК) усвои пакет програми за претпристапна помош од околу милијарда евра, со кои ќе бидат поддржани реформите и регионалната соработка во земјите од западен Балкан кои тежнеат кон членство во Европската унија (ЕУ), а меѓу кои е и Македонија.

Еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори, Јоханес Хан изјавил дека пакетот ја покажува силната посветеноста на Унијата кон европската перспектива на западен Балкан и Турција.

„Ова е долгорочна инвестиција во стабилноста, безбедноста и просперитетот на самата ЕУ која ќе ги поддржи политичките и економските реформи во земјите кои се на патот да станат членки на ЕУ“, рекол Хан.

Средствата се обезбедени во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА 2), а ќе бидат на располагање на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија и Турција.

„Средствата ќе го поддржат натамошното спроведување на демократските и економски реформи, модернизацијата на правосудството и државната управа, но и регионалната соработка“, се наведува во соопштението од страна на ЕК.

Со пакетот ќе биде опфатена и програма од 155 милиони евра, која ќе поддржи финансирање на големи регионални инфраструктурни проекти на западен Балкан, односно четири проекти за поврзување во областа на електричната енергија, два проекта во областа на патниот сообраќај, како и два во областа на железничкиот сообраќај, со кој ќе се приближат економиите и општествата во регионот.

„Се очекува придонесот на ЕУ да овозможи подигнување на заеми од партнерските финансиски институции во вкупен износ од 540 милиони евра“, соопштиле од Комисијата, додавајќи дека унапредувањето на поврзаноста во рамктие на западен Балкан, како и помеѓу регионот и ЕУ, се клучни фактори за економскиот развој на западен Балкан.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП