17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТиквешкиот регион ќе го развива туризмот

Тиквешкиот регион ќе го развива туризмот

tikvesi 330

Тиквешкиот регион, кој е наделеку познат по производство на вино, планира да го развива и туризмот, чии потенцијални се малку искористени.

За таа цел, денеска во Градско беше промовиран Кластер за туризам на Тиквешкиот регион, кој официјално со работа ќе започне од 1-ви јануари 2016-та година.

Кластерот е организиран по принципот јавно приватно партнерство. Формиран е од страна на општините Кавадарци, Неготино и Демир Капија, винарите „Стоби“, „Тиквеш“ и „Попова кула“, како и локални спортски и ловни друштва, хотелиери, угостителски објекти и приватни компании.

Овој кластер ќе се стреми кон максимално искористување на потенцијалите со кои располага Тиквешкиот регион за развој на туризмот и на локалната економија.

Предвидено е тиквешкиот кластер да соработува со туристичкиот кластер од Охридскиот регион, како и со неколку кластери од соседните земји.

Иницијативата за овој проект е на организацијата за индустриски развој на Обединетите нации (UNIDO) и на институции од приватниот сектор во Тиквешијата кои ја препознаа потребата од заеднички напори за развој на локалниот туризам, кој е недоволно искористен што го потврдуваат и информациите од Заводот за статистика според кои во Тиквешкиот регион се регистрирани само 2,4% туристи од вкупниот број кои ја посетиле држвата.

Проектот е финансиски поддржан од владата на Словенија со 220.000 евра.

Иницијативата за формирање на кластерот произлезе од претходните анализи кои покажуваат недоволна искористеност на потенцијалите на тиквешкиот регион, истакна Ана Амбракова од УНИДО.

Таа информираше дека во претходните две години во рамки на проектот, на членовите на кластерот им биле овозможени посети на слични кластери во неколку држави од регионот, со цел да се запознаат со нивните искуства.

На денешната промоција присуствуваше и раководителот на секторот за туризам при Министерството за економија, Беким Хаџиу, кој истакна дека ресорното министерство ќе продолжи со поддршката за развојот на туризмот во сите региони во државата.

„Планирано е во Тиквешкиот регион да се реализираат повеќе проекти од различни области со оглед дека регионот е познат по вино, гастрономија, велосипедски тури, планинарење, стари занаети, манастири, можности кои се недоволно искористени“, рече Хаџиу.

Тој додаде дека за оваа намена ќе бидат обезбедени државни средства.

Македонија според приходите од туризам кои во просек изнесуваат 5,4 % од БДП, заостанува зад останатите земји од регионот, што наметнува потреба од нови ефективни иницијативи, какви што се токму кластерите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП