27 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИзложба на Вана Урошевиќ

Изложба на Вана Урошевиќ

vanja-urosevik

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, во 20 часот, ќе се отвори самостојната изложба на Вана Урошевиќ.

Својата најнова самостојна изложба Вана Урошевиќ ја има насловено „Кабинети на чуда и библиотеки”. Следејќи некои од своите омилени теми од доменот на „тајниот живот на предметите”, оваа ликовна уметница овојпат својот интерес го насочува кон збирките произлезени од собирачката страст и несекојдневниот вкус на особено љубопитните поединци – кон “Збирките на чуда” (на германски: “Vunderkammern”; на француски: “Chambres des merveilles” и “Cabinets des curiosités”; на англиски: “Cabinets of Wonders”). Овие претходници на современите музеи постоеле во шеснаесеттиот и седумнаесеттиот век во многу градови на Западна Европа, по дворците на владетелите и по палатите на богатите луѓе, и сведочеле за потребата за допирот со Необичното, Неверојатното, Различното. Без некоја особена потреба од класификација, во овие збирки биле насобрани предмети со одлики кои отстапувале од вообичаениот изглед на нештата, реткости од геолошко, животинско или билно потекло донесени од далечните краишта, и кои биле доказ дека постојат и други можни облици на светот, различни од оние на кои сме свикнале. Дел од ваквите колекции честопати биле и збирките на уметнички дела, а во нивната близина секогаш биле и библиотеките.

Основен материјал во кој се реализирани делата на оваа изложба е рачно боената свила. На неа авторката додава цртежи, фотографии и текстови, создавајќи на тој начин еден мултимедијален простор кој е исполнет со многубројни, заемно вкрстени значења.

Текстовите што се испишани врз свилата потекнуваат од повеќе извори: тука се описи на збирките и библиотеките од „Наспроти” на Жорис-Карл Уисманс, од „Сликата на Доријан Греј” на Оскар Вајлд, измислени од овие автори, но и описите на вистинските библиотеки што им припаѓале на Андре Бретон и Хорхе Луис Борхес, дадени од оние што ги посетиле. Користени се текстови на Лоренс Вешлер од „Кабинетот на чудата на господинот Вилсон”, на Клод Каплер од „Чудовишта, демони и чуда”, на Алберто Мангел од книгата „Библиотеката ноќе”, како и прилозите во тематскиот број на списанието „Градац” обединети под насловот „Во дворецот на Рудолф Втори”. Има и неколку цитати од расказите на Х.Л. Борхес, автор на „Вавилонската библиотека”, кој е заслужен за метафоричното доближување на поимите библиотека и лавиринт. А има и еден текст преземен од Интернет, тој модерен пандан на Александриската библиотека, Вавилонската кула и Лавиринтот.

Фотографиите употребени за аплицирање врз свилата снимени се во манастирот Свети Лазар од Ерменија, на островот Сан Лазаро, во Палатата Фортуни во Венеција и во библиотеката на авторката. Најголем дел од цртежите се реплики на платната на сликарот од Венеција Пјетро Лонги (1701 – 1785), хроничар на необичните глетки од животот на жителите на овој град кој секогаш се двоуми помеѓу привидот и реалноста.

Вана Урошевиќ е современ македонски ликовен уметник кој дејствува на полето новите визуелни истражувања, при што користи несекојдневни материјали и техники. Освен слики на свила изработува објекти и инсталации, користејќи понекогаш и елементи од органска природа: крзна, животински коски, инсекти. Во своите проекти вклучува документи, фотографии, анкети, искажувања, цитати.
Куратор на проектот е Маја Чанкуловска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП